„Соблечи го инаетот“ и дојди да се сакаме
Нема да му се јавам. И да ми сврти, нема да му кренам. Нека пати. - Кога изјавите на љубов станаа знак на слабост? Во какво време живееме?
Не знам на кој македонски креативец е твитот „соблечи си го инаетот и дојди“, но само ќе му кажам секоја чест. Толку многу моќно прикажана вистина во толку малку зборови.
Соблечи си го инаетот и дојди.
— ?Збеснатата? (@Zbesnatataa) August 20, 2018
Како да заборавивме како се сака. Сите облечени во непробојни оклопи. Тешко дозволуваме некој да ни пристапи до срцето. Но, дури и кога ќе ни пристапи на првата грешка сурово го казнуваме.
Да, онака вадиме инает од петни жили, кој ќе се избори за да ја надвладее љубовта. Сами себе доволни, си велиме и патиме во тишина. Нема да му се јавам. И да ми сврти, нема да му кренам. Нека пати. Ќе види тој со кого така ќе се однесува. Ќе го казнам. Ќе држам инает со денови.
Но, всушност срцето ни плаче. Очајни сме да го видиме неговото име на телефонскиот екран. И свесни сме дека скандалот што го правиме е непотребен. Дека проблемот е банален. Дека самите себе се казнуваме. Дека сме огорчени. Дека сега кога го немаме сфаќаме колку го сакаме.
Но, не. Инаетот е посилен.
Ниту тој не е подобра приказна. Води инает, а е очаен по вашето присуство. Доказ за тоа е што истиот миг по смирувањето трепери како лист на ветер во вашите прегратки. И вие исто во неговите. Се сакате некако повеќе. Се цените повеќе. Сè е исто, па и подобро од порано.
Зошто тогаш водевте инает? Зошто минувавте бессони ноќи без потреба? Која е таа проклета горделивост што прави да се труете со инает, наместо отворено да кажете некому дека го сакате? Кога изјавите на љубов станаа знак на слабост? Во какво време живееме?
Се гордееме дека не сме ние тие кои први кренале слушалка за да ја смират ситуацијата. Се фалиме наоколу како без око да ни трепне би ставиле точка на врската. Нè исполнува тоа што тој прв ја проголтал гордоста и се јавил.
Малку детски филм. Не, не, многу детски филм! Сами себе се гушиме со банални проблеми и си правиме драми од ништо. Сами си фрламе црни дамки врз своите денови и ноќи.
Секогаш оставаме работите да ги среди другата личност. Тој нека попушти, тој нека се „оправи со главата“. Јас не сум виновна, сам си го бараше.
Ајде соблечете го инаетот и пишете му порака: „Соблечи го инаетот и дојди“.
Да се сакаме денес... Затоа што утре може ќе нè нема.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело