„Мамо сакам да се разведам!“ „Немој мила, не ме срами“ - Македонскиот синдром што ќе кажат луѓето
„Ќерко, знаеш дека имам проблеми со срцето, сакаш ли ти да ме умреш пред време? Па, нели кредит земав да ти направам најубава свадба?“
Ја знам со години. Таа е еден позитивен лик што шири некоја луда енергија каде и да се појави. Ја има онаа заразна смеа што прави да се смеете до солзи, дури и кога ситуацијата не е толку смешна. Некако успева сите да ја сакаат. Без влакна на јазикот е и им влегува на луѓето под кожа за миг. Си ја сака работата, си го сака животот, си сака авантури и секогаш гледа што е розово, а не црно во секојдневието.
И за жал, сето ова сега е во минато време. Кога говорам за неа треба да кажам сакаше, беше, инспирираше... Повеќе не е истата. Сега како да е друга личност во истото тело. Откако се омажи комплетно се промени.
Повеќе нема страст за работите во животот, ниту верува дека соништата се остваруваат. Веќе не е забавна, ниту шири ведрина. Повеќе немаме дури ниту муабет, ние кои некогаш сме минувале ноќи и ноќи без сон за сè да си раскажеме. Постојано има некоја тага во очите.
И еднаш ја седнав на муабет и ја замолив во име на сите години пријателство да ми каже што ѝ ја мачи душата, зошто е потиштена постојано, зошто комплетно се промени и повеќе нема ниту трага од личност што некогаш беше.
И тогаш ми се отвори...
„Бракот со него ми е најголемата грешка што ја направив во животот. Не можам, се гушам. Не ми одговара. Знам требаше да сум свесна дека уште кога бевме во врска постоеја сигнали, но тогаш како да бев слепа од љубов и само сакав и јас да се омажам. Некако и од дома ми велеа стара мома ќе останеш, па тој ме запроси и мислев дека по толку години заедно логично е следната работа да биде бракот.
И бидна. И бев среќна на свадбата и неколку месеци потоа, можеби. Но, како да помина таа почетничка еуфорија и оттогаш почнаа проблемите. Се караме до доцна во ноќите. Стануваме лути еден на друг. Немаме разбирање. Не ми се покажа како поддршка во ниту еден миг. Имав неколку сериозни ситуации, но тој не мрдна со прст за да ми покаже дека не е сè толку црно.
Чувствувам како да нема доволно љубов во срцето за мене. Чувствувам дека и мене комплетно ми се одмили. Дури и да се освести еден ден и месечината да ми ја симне од небото, залудно ќе биде. Ми ги прокоцка најубавите години.
Не, не јас си ги прокоцкав затоа што по секоја цена само сакав да се омажам, но тоа сега не е ни важно.
Млада сум уште, животот е пред мене и по долго колебање во главата си донесов одлука дека сакам да го оставам. Дека тоа ќе биде најдоброто нешто што можам да го направам. Дека има надеж да пронајдам вистинска љубов. Некој што ќе се грижи за мене. Некој што ќе прави да ми биде топло на срцето за него.
И така среќна дека донесов одлука појдов да разговарам со моите родители. Но, тогаш одново сè ми се сруши како кула од карти.
Мајка ми почна да паничи: „Па, како можеш да ни го направиш тоа? Каков срам! Што ќе кажат луѓето? Вчера свадба, денес развод. Не биди луда. Што мислиш животот розов е? Така е тоа во бракот, ќе си трпиш понекогаш“. Потоа и татко ми се надополни: „Ќерко, знаеш дека имам проблеми со срцето, сакаш ли ти да ме умреш пред време? Па, нели кредит земав да ти направам најубава свадба? Навистина си неблагодарна. Ќе ме носиш на душа да си знаеш!“ И траеше тоа со часови. Нивните лелеци, нивните проповеди. И солзи паднаа.
И така се премислив. Изгледа премногу очекувам од љубовта, бракот, животот. Изгледа треба да се помирам со судбината. На крајот од денот не сакам на душа да ги носам моите родители. Многу се имаат жртвувано во животот за мене“, ја слушам и ѝ ја гледам тагата во очите како расте.
И никогаш нема да биде истата, ми минува низ главата.
Зарем на ќерка тоа се прави? Да ѝ го убиеш духот засекогаш и да ја осудиш на живот без љубов, затоа што нели најважно е што ќе кажат луѓето. Срамота е да си разведен, а одлично е да си несреќен. Ах, мојата чудесна земја Македонија!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело