Добриот маж во лошо се познава, запомни го тоа жено!
Во ниту еден миг од животот не врескаше наоколу колку ја сака, но во најнемилите епизоди од нејзиниот живот секое негово дело го врескаше тоа доволно гласно за секој еден што ќе ги види да сфати како изгледа вистинска љубов.
Тој никогаш не се расфрлаше со „те сакам“ кон неа, ниту пак пред пријателите раскажуваше како изгледала нивната прва средба, ниту на кој датум точно ја запознал својата сопруга. Тој не беше маж на кој од устата му течеше мед и млеко, туку беше маж кој сака на дело.
Тоа се гледаше во текот на целиот живот, но блесна јасно како ден кога дојдоа лоши денови, кога таа се соочи со најтешката битка во нејзиниот живот.
Беше тука како нејзина најголема потпора.
Кога таа не гледаше дека постои светло на крајот од тунелот, тој ја убедуваше дека има.
Кога таа не можеше да сфати зошто животот е толку неправеден, тој ја освестуваше дека таков е за сите.
Кога таа сакаше само да крене раце, тој ѝ даваше ветер во грбот и ја тераше да продолжи посилна од претходно.
Кога таа не можеше да ги среди мислите, тој ќе стореше сè за да ѝ ги тргне мислите од најлошото.
Кога нему срцето ќе му се раскинеше од болка, пред неа молчеше и беше симболот за храброст кој ѝ беше неопходен.
Ѝ велеше дека сè ќе биде добро само ако има добра мисла.
А тој имаше за неа. И добри мисли и љубов и поддршка и сето она што љубовта ја прави љубов.
Сфатив дека погрешно во младоста бараме слатки зборови и шармери кои ѕвезди ќе ни симнуваат, а без проблем би нè замениле и истата романтика би ѝ ја сервирале и на некоја друга.
Сфатив дека најважно е да најдеме маж што знае да сака со целото своето срце. Маж на кој душата му зрачи со љубов, дури и кога од устата не му излегуваат љубовни поеми.
Добриот маж во лошо се познава и дај боже да немате шанса да го тестирате тоа. Но, бидејќи животот е непредвидлив и може некогаш да ви приреди немила епизода, верувајте дека тогаш ќе сфатите колку всушност сте сакани и дека тоа е најважно во животот.
Љубов е да не крене раце од вас само затоа што станало премногу тешко, а оние „шминкерите“ верувајте го прават тоа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С.| Црнобело