Дали магарето лета? Лета - ако така вика шефот!
Немаше човек, а да не ми рече, „Шефот е над тебе, свиткај ја главата, попушти. Ако те праша дали лета магарето, ќе речеш лета. Што ти штети тоа тебе, а и нему ќе му помине, плус ќе го придобиеш. Ќе знае дека си послушен.”
Дали магарето лета? Многу просто прашање, навидум, како и многуте кои ние ги имаме во текот на нашето живеење. Дали сами ги комплициравме едноставните одговори или такаа налагаат околностите?
Сите би се залетале да речат, какви се овие глупости, секако дека магарето не лета, но во животот наидував на луѓе кои сакаа да ме убедат во спротивното и беа упорни во својата намера. Дури и притискаа додека не го изговорам спротивното, а јас жив инает секогаш се држев до фактите и она што беше вистина.
Што беше правилното во таа ситуација, да се оди против себе и да се согласиш со оној кој е над тебе само за да го задржиш местото кое го имаш или да не дозволиш некој да се потсмева на својата интелигенција и да се избориш за она во кое веруваш?
Ви текнува ли за што зборувам, и сега, лета или не?
Она што беше фрапантно за моите очи, беше тоа што луѓето дозволуваа да се погазат себеси. Во многу наврати.
Да кимнат со главата потврдно на глупостите кои доаѓаа од повисоката хиерархија. Да се согласат знаејќи дека сето тоа е погрешно.
Немаше човек од кој што кога ќе побарав совет во такви времиња каде што се кршеа копјата, кога се борев за повисока плата, за ново работно место, за погрешни работи во тековни проекти, едноставно за себе и мојот интегритет кој го носеше мојата диплома и сè што сум научил во текот на животот.
Немаше човек, а да не ми рече, „Шефот е над тебе, свиткај ја главата, попушти. Ако те праша дали лета магарето, ќе речеш лета. Што ти штети тоа тебе, а и нему ќе му помине, плус ќе го придобиеш. Ќе знае дека си послушен.”
Шок, што слушав? Послушен да, но за работи кои имаат смисла, не за работи кои ќе бидат така затоа што само некоја самобендисана будала рекла така.
Зошто луѓето беа такви лицемерни „лижачи“ кои го пупмаа егото на самобендисаните, исфорсирани шефови?
Повторно ќе се преиспитам, дали со мене нешто не е во ред или навистина таквиот пристап е успехот во животот, бидејќи како што можев да видам беше широко применувана тактика од многумина.
Јас пак, како што ме дал Бог, верував во спротивното.
Мојата уста секогаш зборуваше гласно кога правдата, или во најмала рака вистината ќе беше сокриена. Сакав искрена игра и пред сé сакав кога имам аргументи за да го одбранам она во кое верувам.
Ништо во животот не можеше да се носи со аргументите. Оние кои исилено ќе форсираа нешто друго што се коси со кажаното поткрепено со аргументи или факти ќе го прифатеа тоа порано или подоцна.
Мене ме нервираше тоа ропство. Мене ме нервираше тоа потчинување и себе-деградирање. Зошто шефот да е во право само затоа што е шеф, нели е тоа малку нарцистички?
Па, ниту работата, а ниту било кој проект во животот нема да оди напред ако ги слушате работите што само сакате да ги слушнете. Критиката треба да биде главната движечка сила која ќе биде мотив за подобрување на сите аспекти во вашиот живот.
Зошто луѓето се плашеа да добијат критика, како не сфаќаа дека таа една клучна состојка за успех?
Затоа кога ќе ве прашаат да одговорите на прашањето погоре, размислете што ќе кажете.
Не се плашете, способните луѓе не треба да имаат страв дека нешто може да изгубат, бидејќи се свесни дека со своите две раце можат да добијат нешто поголемо. Способните луѓе треба да се храбри и достоинствени.
Не замижувајте и не се поклонувајте, не бидете модерните „лижачи“ од 21 век кои би направиле многу ниски работи само за да стигнат некаде.
Имајте кредибилитет и пред се достојно претставувајте ја институцијата која ја застапувате. Таа институција сте вие, вашите морали, она во што верувате, она за кое сте работеле, она за кое сонувате. Она со кое се будите и легнувате и никој на оваа планета не смее да ве убеди во спротивното, а вие како главен застапник не смеете да се погазите.
Ако се прашувам јас, магарето не лета!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело / фото: depositphotos.com