Престанете да барате „влакно во јајцето“ и кавијар во селска продавничка, смешни сте и напорни

Постои една категорија на луѓе кои ги одбегнувам по секоја цена за мир во душата и не сакам да имам никаков контакт со нив.

Prestanete-da-barate-vlakno-vo-jajceto-01.jpg

Тоа се луѓето „маанџии“ кои едноставно имаат забелешка, коментар и одговор на сè во животот. Тие се луѓето кои го бараат „влакното во јајцето“ и сè уште не го нашле. Но, не се откажуваат, упорни се во своето хоби – наоѓањето мани небаре тоа е некоја специјална вештина, а тие се специјалистите.

Не е вештина бре луѓе, да сакаме секој од нас може да најде мана на нешто. Не една, ами 5, не само на јадењето и на нивото на хигиената, туку и на вас, вие што се мислите најсовршени и сезнајковци.

Ама има едно мало нешто во животот кое се нарекува домашно воспитување, а вие очигледно сте ги испуштиле сите часови по овој предмет.

Има и едно друго нешто што се вика забава и широчина на духот, а вие сте напорни, здодевни, а душата ви е стисната како зрно грашок.

Како ли е да се живее во вашиот ум, мора да е крајно клаустрофобично и исцрпувачко. Видете ме - чудете се, колку сум пребирлива и исклучителна личност. Можам секого да го навредам и да му го загорчам денот, ха!

Денот е сончев и ведар, одиш на кафе, сè што сакаш е само малку да се опуштиш и да уживаш во денот, да ги разбистриш грижите кои ти се насобрале во текот на работната недела.

„Каде е келнерот, уште го нема… леле, колку е бавна услугата тука. Имате млеко со масленост од 1,5%? А кафеав шеќер? Леле, ништо немате, па каква услуга нудите вие тука“.

Сомничаво се подигнуваат чашите директно кон сонцето, да се испита нивото на нивната блескавост и чистота. Мислиш дома се јаде и пие од кристал и најквалитетен порцелан.

Се „мрчи“ за сенешто, за масата, за услугата, за квалитетот на кафето. На крајот кутрите вработени таму ќе испаднат и виновни за глобалното затоплување – па зошто е толку топло да му се сневиди?!

Особено интересни сте кога барате невозможни нешта на места каде што е сосема очекувано дека ги нема. Не можеш да влезеш во селска продавничка и да побараш кавијар, нели? Е можеш!

Со маанџиите ќе го доживееш и тоа. Ќе доживееш да побараат и некое измислено, непостоечко кафе во планинска куќарка за одмор или некој вид аперитив во место каде што малтене се седи на превртени гајби.

Дали од што сакате да се направите многу паметни и префинети, дали само си барате внимание, дали од што сакате да ги омаловажите другите околу вас, демек ние немаме толку исполирано непце како вашето, толку нежна душичка како вашата, не ми е јасно, ама јасно ми е дека сте злобни, вечно незадоволни и крајно напорни луѓе.

Не знаете да уживате во малите ситници. Не сте живи ако не истакнете нешто што според вас недостига или не чини.

Не сфаќам, дали тоа кафе е последното кафе кое ќе го испиете во животот или тоа јадење последното кое ќе го изедете? Дали сте осудени на смрт, па ова е вашиот последен ден на Земјата, вашата последна шанса за тоа болно совршенство по кое копнеете, кога и самите сте далеку од совршени?

„Убаво е, АМА… не е лошо ова, АМА…“. Аман, доста со тоа АМА. Обидете се да поминете еден ден без АМА. Наместо тоа сконцентрирајте се само на убавите работи, наместо маани поставете си цел и задача да истакнувате само позитивни, убави нешта во денот.

И спуштете се на земјата со нас обичните смртници. Знаеме каде и како живеете и што гаќи носите, не живеете во палати каде што деноноќно тече мед и млеко.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg