„Тече поток ток ток ток, јас те љубам цмок цмок цмок“ - Сара Кеј, хероината која го обележа нашето детство

Имам само 7 години и цврсто ја држам мајка ми за раката. Влегуваме во огромна продавница за играчки, а моите очи се фиксираат на една преубава жолта книга. На нејзината корица има момче и девојче и тоа е споменар со Сара Кеј.

Sara-Kej-heroinata-koja-go-obeleza-naseto-detstvo-01.jpg

Уште пред да ги подготвам солзите во борбата за купување на оваа книга од која знам дека нема да се разделам, мајка ми изненадно ми го купува споменарот. И уште 3 пакетчиња со сликички.

Ова е најубавиот ден во мојот живот! Излегуваме и ја носиме Сара Кеј дома со нас. А внатре се кријат толку убави песнички, изненадувања и мали задачи.

Sara-Kej-heroinata-koja-go-obeleza-naseto-detstvo (1).jpg

„Во обележаното квадратче ставете перче од вашата коса“. Секако дека ќе жртвувам прамен за Сара Кеј. Мајка ми внимателно ми сече праменче со ножиците, и го пакуваме моето перче со машничка во една проѕирна фолија. Истото го лепиме во квадратчето, токму како што е кажано.

Се сеќавам дека се будев и заспивав со Сара Кеј. Не беше важно да се јаде ужинка, важно беше да се купат сликички и што побрзо да се пополни албумот. Нејзиниот свет беше магичен, волшебен, а песните толку многу убави.

„Многу грижи има, што ли ѝ се случи, откако се заљуби не може да учи“.

„Познавам момчиња од различна сорта, ама ти си ми посладок од секаква торта“.

„Рака на пријателство можеш секому да дадеш, но срцето од градите само на саканите“.

„Тече поток ток-ток-ток, јас те љубам цмок-цмок-цмок“.

„Ниту една шапка нема да е права, ако треба да покрие заљубена глава“.

„Некој го сака Охрид, некој ја сака Струга, јас те сакам тебе, а ти сакаш друга“.

Sara-Kej-heroinata-koja-go-obeleza-naseto-detstvo (2).jpg

Сара Кеј повеќе од 3 децении е во срцето на многу девојчиња, но и момчиња. Преубавите цртежи се како излезени од некој магичен свет исполнет со топлина, хармонија и најнежни чувства. Сара и нејзините другарчиња владеат со својата добрина, убавина и бескрајна романтика, иако се многу малечки.

Која е всушност Сара Кеј? Сара е австралиска домаќинка која живее во предградието на Сиднеј. Отсекогаш уживала во цртањето, а студирала и на Академијата за уметност, по што започнала да работи за една рекламна агенција.

Sara-Kej-heroinata-koja-go-obeleza-naseto-detstvo (3).jpg

Цртежите кои ѝ донеле светска слава и популарност ги направила кога се соочувала со најголемата животна борба, во периодот кога нејзината ќерка Алисон била многу болна.

Обидувајќи се за момент да ги ублажи грижите и тагата, Сара започнала да црта. Цртала среќни дечиња, како еден ви на терапија, сеќавајќи се на мирните денови кои ги поминала на фармата кај своите баба и дедо.

Sara-Kej-heroinata-koja-go-obeleza-naseto-detstvo (4).jpg

Еден ден Сара ги продала своите цртежи на локален издавач за разгледници и честитки. Прекрасни, детални и богато насликани, тие веднаш ги освоиле купувачите.

Сара Кеј е име кое денес е познато ширум светот. Авторката денес живее со ќерката Алисон и синот Адам. Не го сака публицитетот и воопшто не дава интервјуа.

Sara-Kej-heroinata-koja-go-obeleza-naseto-detstvo (5).jpg

На светот му останаа нејзините прекрасни романтични цртежи. На некои од нас ни останаа споменарите со сликички и стиховите одлично приспособени на нашето поднебје.

Доколку сте го заборавиле детето во себе, доволно е само да отворите некој албум со сликички од вашето детство и да се вратите во оние мирни, безгрижни времиња кога најголема грижа ви беше како да го пополните албумот со сликички.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg