„Се срамам од моите селски прости родители!“

„Се срамам од моите прости родители. Ме нервира како зборуваат, како селски се облекуваат. Ме нервираат јадењата коишто ги готват, како сркаат супа и шлапкаат додека јадат. Не можам да ги трпам, не сакам да ги гледам!“

Se-sramam-od-moite-selski-roditeli-01.jpg

Со горчина и пакосна омраза мојата пријателка ми објаснува како нејзините родители ѝ шетаат по нервите. Се обидувам да ја сослушам, но во мојата глава вреска внатрешен глас како аларм кој предупредува дека не е во право и дека треба да се разбуди од заблудата.

Ние сме практично цел живот заедно. Израснавме преку една куќа, откако знам за себе, знам и за другарка ми. Нејзините родители цел живот мака мачеа да врзат крај со крај. Но и тоа малку што го имаа беше само за неа.

Кога некој ќе ви рече – не јадевме ние да има за вас децата, верувајте дека е во право. Точно, не се високо образовани луѓе. Факт е дека не можеме да бидеме сите, а и нема потреба.

Но тие беа и сè уште се многу вредни и чесни луѓе. И двајцата работеа по неколку работи за да ѝ го платат факултетот на другарка ми. Кога дипломиравме, толку беа среќни што мислам дека ќе заплачеа. Одвај ги сопираа солзите што им се тркалаа по лицето со изговорот дека многу силно пече сонцето, па на сите ни солзат очите.

Другарка ми не сакаше ниту да се слика со нив. Ѝ остана тој срам од родителите како некоја болест од која не може да се излекува. Ретко викаше луѓе дома, скоро никогаш.

„Види какво ни е дома, кого да викнам тука, во оваа кочина“. Од ништо не беше задоволна, ни од малку, ни од многу.

И покрај тоа што денес другарка ми заработува многу солидно, родителите ѝ се сè уште тука за помош. Селска им била бавчата во дворот, требало цвеќиња, борчиња и базен наместо домати и кромид, ама убаво е кога ќе си однесеш свеж зеленчук дома.

Родителите се веќе стари, болникави, но не се предаваат. Тие сè уште живеат само за неа. И за нејзините деца. Кога и да треба да се причуваат, тие се тука. Мислам дека срцето им се скрши кога не ги покани на првиот роденден на малечката со изговорот дека забавата е „само за млади луѓе“.

И тоа го премолчија. Ја проголтаа и таа навреда, бидејќи цел живот се во потрага по тоа мало одобрување од нејзина страна, тоа мало признание и благодарност за нивното жртвување и мизерување за сметка на нејзината среќа.

Се обидувам да ѝ предочам дека не е во право, дека родителите ѝ мислат сè најубаво, дека само тие ти се на светот и на крајот од денот само од нив ќе добиеш безрезервна љубов и поддршка.

Таа само мавта со главата како некоја себична и разгалена жена со жалбата зошто токму неа ѝ се погодиле такви селски родители?

Јас пак размислувам вака: има толку многу лоши родители, родители кои те навредувале, омаловажувале, не те поддржувале. Кои те малтретирале и физички и психички и наместо да се радуваат на твоите успеси, тие како да се ситат на твоите падови.

Тука горчината можеби е оправдана, но како може да не си ги сакаш родителите кои ти мислат сè најдобро?

Можеби си слеп за да ја видиш нивната љубов и посветеност. Можеби нивните гестови ти се смешни, по малку те нервираат.

Не знаеле да испратат слика на Viber, не знаеле да си ги префрлат контактите од еден во друг телефон… па што дека? И ти не знаеше да читаш и пишуваш, па те описменија кога тргна во прво одделение.

Повторуваат неколку исти работи една по друга, напорни се. Се сеќавам кога бев мала како секоја вечер се читаше една иста приказна, до снеможување. Пена да ти фати устата од истата досадна приказна.

Кога ќе видите колку се невешти за некои работи, само сетете се колку бевме ние несмасни и исто толку невешти како помали.

Во некој момент од животот може да имаш и повеќе пари, некое навидум пофино друштво, па твоите родители да ти изгледаат несоодветно и недостојно за твојот „гламурозен“ живот. Па така, забораваш на сите нивни жртви од минатото, на нивната љубов и разбирање, ги буткаш кон маргините, се однесуваш со непочит, покажуваш нетрпение и ароганција. 

Кон оние кои те израснале од мрвка, кои се треселе за тебе, оние кои на крајот од денот те сакаат најмногу од сите. Немаш љубов за нив и домот чија врата и прегратки ти се секогаш ширум отворени.

Што се однесува до моите родители, тие може да облечат и вреќа од компири на нив, да сркаат шумно, да се смеат гласно. Имам трпение и 10 пати да покажам како се прикачува слика на Фејсбук, бидејќи и со мене некој имал трпение додека ми ги покажувал буквите од азбуката.

Никогаш нема да ги наречам селски, никогаш нема да речам дека ме срамат, бидејќи се гордеам со нив. И тие имаат мани, впрочем како и јас, како и сите луѓе. Најважно е да ми се живи и здрави уште долго и да се среќни.

Тие се моето сè.

Впрочем, сметам дека и не може да биде поинаку кога се работи за луѓето за кои денот е како без сонце, доколку не ја видат или слушнат вашата насмевка.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg