„И Аца Лукас е металец“ – Кое е мотото на музичарите што свират во „шабански“ бендови на свадби?

Шабанската музика (веројатно крстена по Шабан Шаулиќ), е една од најзастапените во регионов. Бендовите се состојат најчесто од гитара, пеач, бас, тапани, синтисајзер (читај „шабанајзер“) и понекогаш некој дувачки инструмент - (смешен) приказ за тоа какви се најчесто луѓето што свират во овие бендови.

Bendovite-i-nivnite-clenovi-od-koi-vi-zavisi-vecerta1.jpg

Сите кои свират на некаков музички инструмент, знаат зошто почнале, и која им била целта кога учеле да свират. Некои од нас се самоуки, некои имаат завршено школа за тоа, меѓутоа да погледнеме неколку типични членови на три бендови со различни жанрови.

Шабански бенд

Шабанската музика (веројатно крстена по Шабан Шаулиќ), е една од најзастапените во регионов. Бендовите се состојат најчесто од гитара, пеач, бас, тапани, синтисајзер (читај „шабанајзер“) и понекогаш некој дувачки инструмент.

Гитаристот – Веројатно научил да свири гитара за да брка женски, а инспирација црпел од легендарните рок бендови во 80-тите и 90-тите. Меѓутоа по неколку неуспешни авторски рокенрол бендови, и негативен финансиски биланс, дошол до заклучок дека нема леб од рок музиката, па се пренасочил кон свирењето на турбо фолк. Мотото му е „Па и Аца Лукас е металец, па свири шабанско.“

Пеач – Најверојатно станал пеач затоа што од дома му кажале дека има убав глас. Тој во обид да ги испочитува постарите членови на семејството давал сѐ од себе да ги испее Бадев и Сариевски, меѓутоа по неколкуте неуспешни обиди, решил да го промени жанрот.

Низ својот живот и тој пробал да се клучи во некој рок бенд, меѓутоа неговата „вибрато“ техника и постојаното завивање на песните, го пренасочиле кон сегашната кариера. Не се жали, затоа што е далеку побогат од рокерите кои го исмевале. Доколку станува збор за пеачка, доволно е само да има соодветна величина на одредени „атрибути“, и не е важно како пее. Животна желба ѝ е да настапи на ДМ-Сат, или некој од Пинк каналите.

Басист Можеби единствениот со школа во овој состав (заедно со човекот на дувачки инструмент). Ова е класичен бизнисмен помеѓу музичарите. Од мал знаел дека ќе свири за пари, а сите знаеме дека нема полесен начин до пари од тоа да свирите бас во шабански бенд.

Тапанар – Ова е најмузикалниот лик во бендот, за разлика од другите, ритамот и музикалноста му се вродени особини. Неговиот прв инструмент најверојатно бил тарабука или трпезариска маса, на која го следел ритамот на секој грубен собир.

Шабанајзер Ова е човек кој си ги знае квалитетите на својот инструмент. Знае дека не му е потребен бенд за да направи добра забава (за шабански вкус). Најчесто така и настапува, меѓутоа постојаните замерки за лошите вокални способности го натерале да се приклучи кон некој од веќе постоечките шабански бендови. За себе вели дека е „One man band.“

Дувачкиот инструмент На кратко, ова е човек кој не успеал да се вклопи во некој од народните ансамбли, па по потрага по богатството, го убедиле да свири турбофолк. Најверојатно е школован музичар, свири по свадби и други манифестации. И покрај тоа што се кае за неговиот избор, еврата кои ги добива за неколку часа свирење му се доста добра утеха.

bendovite-i-nivnite-chlenovi-od-koi-vi-zavisi-vecherta-02.jpg

Авторски бенд

Музичарите кои свират авторска музика се правите музичари. Овие се луѓето на кои доволно им е тоа што своите емоции ги пресликале низ нивниот инструмент. Со самиот избор на жанрот на нивниот бенд, тие се помириле со фактот дека освен 200-те денари годишно од ЗАМП, нема да видат никаков финансиски плус на сметката. Составот е најчесто изграден од две гитари, бас, вокал и тапани.

Соло гитара – На почетокот бил инспириран од Слеш, а сега цели повисоко... многу повисоко. Редовно ги следи турнеите на светските соло гитаристи. Започнал со желбата да свири рокенрол, меѓутоа како што музички созревал, сега нишани кон кариера во џез музиката, како и најразлични соло проекти.

Ритам гитара – Човекот кој што не бил доволно добар за да биде соло гитара, а не сакал да падне на тоа „ниско ниво“ да свири бас. Најчесто тој е основачот на бендот, и дава се од себе да го одржи жанрот на бендот на правилната патека. Бидејќи песните кои ги прави соло гитаристот не може никој друг да ги отсвири, најчесто тој товар паѓа на ритам гитарата.

Бас – За него викаат дека е човек кој сака да се дружи со други музичари. И покрај тоа што неговата приказна така започнала, тој е сепак човек кој разбрал дека басот и тапаните се основа на секој добар бенд (или така го утешиле пријателите и семејството). Неговите музички идеи се најчесто отфрлени од останатите членови, па така басистот постојано бара начин како да го искаже своето.

Вокал – Кариерата ја започнал како човек кој сака да се дружи со музичари. Со чест на исклучоци (оние кои навистина знаат да пеат), при формирањето на бендот се приклучил со репликата „Јас ќе пеам“ без притоа да размисли дека во животот пеел само еднаш, и тоа на час по музичко, при што повеќето од соучениците му се смееле.

Освен горенаведените исклучоци кои стварно знаат да пеат, авторските пеачи се претежно луѓе кои немаат проблем со тоа да си го трошат гласот.

Најчесто се членови на панк или метал бендови, каде што убавиот глас не е неопходен. На сцена често се преправаат дека свират некој инструмент, без да увидат дека нивната мимика  нема допирна точка со тоа што всушност го прави членот од бендот кој свири на тој инструмент.

Тапани Перкусионистите во авторските бендови се најчесто луѓе кои на време сфатиле дека ова ќе им биде издувниот вентил во животот.

Ова се најчесто возрасни деца, кои се полни со енергија. На пробите не може да се води нормален муабет токму поради нивното непрекинато тропање.

Притоа, постојат два вида на тапанари; гласниот – оној кој е полн со енергија, и најважната цел за време на настапот му е да ја оглуви публиката; и техничарот – ова е тапанар кој е главно фокусиран на кариера во џез музиката. На овој вториот му е најважно од сѐ, додека тропа да си вметне најразлични финеси, кои само тој и уште еден човек од публиката ќе ги забележат.

bendovite-i-nivnite-chlenovi-od-koi-vi-zavisi-vecherta-03.jpg

Тезга бенд

Тезга бендот е најчесто авторски бенд кој сака да заработи некој денар за да си ги покрие месечните трошоци за изнајмување на пробувална. Составот е ист како и кај авторскиот бенд, со тоа што вокалот е најчесто женска личност. Животна желба на овие музичари е доколку можат да се „прошверцаат“ со некој познат пеач.

Гитарист Најчесто е лик кој научил да свири гитара за да брка женски. Кариерата ја изградил преку свирење на акустична гитара во парк, најчесто Бајага, Рибља Чорба и понекоја рок балада.

За себе смета дека е добар гитарист, иако неговите колеги сметаат дека не е. Голем љубител е на екс ју музиката, и многу често знае да ја помине границата помеѓу екс ју и турбо фолк.

Басист Во тезга бендот барем нема кој да му ги отфрли идеите. Ова е човек кој сака да се докажува, па доколку списокот на песни за свирење би бил негова работа, публиката би слушала неколку часовна плеада на песни од Ред Хот Чили Пеперс.

По претходната реченица може да се заклучи дека Фли (басистот на Ред Хот Чили Пеперс) по него е најдобриот басист. На настапите или не знае зошто е таму, или е внесен максимално, нема средина со тезга басистите. Неговите економски способности му се злите мисли во главата да почне да свири шабанско, но неговата уметничка душа го задржува само на тезга.

Вокал Најчесто во тезга бендовите вокалот е женска особа со милозвучен глас. Си ја знае работата и знае да направи добра атмосфера. Репертоарот се состои од песни од Адел, Ријана и ним сличните.

Доколку станува збор за машки вокал, тогаш најбитната карактеристика е неговата убавина и привлечност. „Таргет групата“ се младите девојки кои би се „затрескале“ во него. Ова е човек кој најчесто се обидува и да има соло кариера, па на секој настап се труди да се доближи до организаторите и да „пушти“ некој добар збор за себе.

Тапанар – Во 80% од случаите, тапанарот во тезга бендовите е дојден за да пие. Парите се во втор план, сѐ додека имаат бесплатни пијачки во локалот каде што настапуваат. Ова е човек кој нема проблем со тоа да донесе цело комбе опрема за да се напие неколку бесплатни пијачки.

Секој настап го започнува силно и динамично, но поради преголемата количина на алкохол во него, најчесто настапите ги завршува неспретно. Доколку му се посреќи, додека да се опијани тој, пијана ќе биде и публиката, па никој нема да забележи дека ги греши песните.

Како посебна категорија, мора да се споменат и хармоникашите кои специјализираат во областа на свадбите. Ова се најсилните бизнисмени во балканскиот музички свет, кои знаат каде „лежат“ парите. Жанрот на нивната музика варира од народно до шабанско, а нивниот настап е или во партнерство со уште некој музичар, или соло. Ова се генијалци кои може да ја претворат секоја песна во турбо фолк.

bendovite-i-nivnite-chlenovi-od-koi-vi-zavisi-vecherta-04.jpg

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

еНВи|Црнобело

Би можело да ве интересира:

Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
За жените по 40-тата животот допрва почнува! По 40-тата, жените престануваат да бројат калории. Затоа што љубовта, интересот,...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Елена Ристеска за CRNOBELO лексикон: „Љубовта на моите родители ми е пример како да се одржува однос... „Како дете двапати без повод бев нападната, меѓутоа толку многу ги тепав што на ...
Од Македонија го пропатував половина свет - Што научив од моите соло патувања? Како да беа вчера деновиве кога сам кампував низ различни земји, кога без интерн...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg