8-ми март - кралица, 364 дена - магарица

Одвај се пробивам низ турканицата за да купам цвеќе за мама. Мразам што за поголемиот дел од жените, 8-ми март е единствениот ден (можеби покрај роденденот) кога добиваат цвеќе, внимание, пофалба.

8-mi-mart-kralica-364-dena-magarica-001.jpg

Тоа е толку тажно, практично боли. Ти ја корне душата. Оние клише, дупнати зборови од типот – жената заслужува внимание секој ден од годината, кога случајно ќе ги заслушаш на некоја анкета на ТВ.

Жената НАВИСТИНА заслужува внимание секој ден. Прашањето е - колку го добива?

Двајца постари луѓе се очигледно најгласни. Решиле на сите да ни дадат до знаење што планираат за 8-ми март.

- Цвеќенце за женичката, а? – почнува едниот.

- Да, бе. Хехе, тој е денот. На 8-ми март кралица, следните 364 дена - магарица.

И двајцата почнаа да се смеат гласно и неконтролирано, небаре ја кажале најумната шега на векот.

Но, еве ви ја горчливата вистина – не станува збор за шега. Станува збор за една искрена, длабока вистина.

Денеска ќе добиеш малку внимание. Ќе добиеш цвеќе. Многу веројатно е дека ќе добиеш тавче или џогер или блендер. Ако си малку посреќна и повеќе внимаваат на твојот вкус и желби, можно е да добиеш парфем, некој кармин, чевлите кои ги посакуваш одамна, некоја убава марама.

Сите ќе дадат сè од себе да ти угодат денес. Шефот, од крајно непристоен и некултурен ќе се трансформира во галантен џентлмен кој ќе ти подари полусув каранфил, или роза – во случај да решил да потроши малку повеќе.

Можеби и ќе ве однесе во кафеана, на негов трошок. Тоа е сè уште еден мал „луксуз“ на балканските простори, женско друштво во кафеана. Можете да се соберете и да отидете кој било ден од годината, но вие со душа го чекате овој, како да имате повеќе желба или слобода токму на 8-ми март да го реализирате вашето годишно излегување.

Како да сакате да им пркосите на сите изминати децении кога било срамота и незамисливо да се излегува без дозволата на мажот или без неговото присуство.

Еве нè, и ние сме во кафеана. Кој ни може нешто? Денес е тој ден, твој ден, победнички ден, во кафеана си, пивнуваш некоја чашка повеќе, се опушташ, по ѓаволите и со мажот и со децата, денес не гледам панично во телефонот, дали ќе им треба нешто итно, дали имам алишта за собирање и пеглање, дали имам прозорци за бришење.

Ќе се снајдат денес, мораат, та нели е 8-ми март? Поентата е дека може да се снајдат сами, апсолутно секој ден од годината без твојата константна помош, проверки и надзор. Не си им роб, не си им слугинка. Мајка си само на твоите деца, не и на твојот сопруг.

Нема да умрат за јадење ако некои денови не стигнеш да подготвиш ручек. Ќе се снајдат. Нека замислат дека е 8-ми март – и готово.

Знаат да си ги спружат алиштата, а знаат богами да ја пуштат и машината. Две копчиња се, ако се доволно паметни да ги сфатат сите комплицирани комбинации на тикет за спортска, ова за нив треба да е мачја кашлица.

Умеат добро да исчистат, а со малку труд може да научат да зготват барем 3 пристојни јадења. Сè се може, ако се сака.

Ме боли кога жени непромислено ќе кажат - е добро де, што ми е скратено мене како жена?

Никој не ме тепа.

Ние сме еволуирани до тоа дереџе. Никој физички не ме малтретира = среќа.

Не е важно што на работа се трудиш двојно повеќе да се докажеш за разлика од машките колеги. Не е очигледно важно што некој маж ја добил работата наместо тебе, иако ти си била посоодветна за позицијата. Тебе те испитуваа дали планираш да раѓаш, колку и кога. За него тоа прашање е небулозно.

Не е важно што те погледнуваат сомничаво и потсмешливо кога ќе му предложиш некому да му ја препаркираш колата.

Не е особено болно што сè уште генерално мислење е дека местото ти е првенствено дома, што детето си бара „само“ мајка во првите 13 години од животот.

Не ти е важно што си дежурна готвачка, чистачка, перачка и пеглачка, бидејќи ти како жена ги знаеш најдобро овие работи.

Не мислиш дека е крајно навредливо кога ќе слушнеш дека две-три воспитни и малку ќотече излегле од рајот и само тоа е потребно жената да не ти „мртка“?

Не те повредуваат коментарите од типот дека еден ден си кралица, а остатокот од годината магарица?

Тоа се предрасуди со кои живееш секојдневно, но или не ги слушаш или се преправаш дека не ги слушаш за да ти биде полесно.

Немам апсолутно ништо против жени во кафеана. Напротив, се радувам. Начинот на кој решиле да прославуваат е нивна работа. Но, прославувајте почесто.

Не изразувајте јасна дистинкција помеѓу „женски“ и „машки“ работи. На детето не му треба само мајка откако ќе се роди. Не барајте дозвола. Всушност, никогаш не употребувајте го изразот – еве, мажот ме пушти да прошетам. Нема што да те пушта некој, не си куче врзано за синџир.

Жена си. Силна си. Паметна си. Моќна си. Убава си. Секој ден е твој ден.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg