Зошто си во филм? Кошулата од 5.000 денари не те прави убава!
Некои работи во животот не се купуваат со пари, но таа никако да сфати.
Сакам убаво средени жени, мелем ми се за очи, но сакам и девојки со спортски стил, кои во фармерки, бела маичка и старки изгледаат како милион долари, но не ги сакам таквите како неа.
Не ги сакам оние жени кои мислат дека ако се дотераат во познати брендови од глава до петици изгледаат како мис на светот.
Доаѓа на работа со главата во облаците и без да ја запраша некој се расфрла со информации од каде и колку пари си го купила новото здолниште, која позната личност носела кошула како нејзината и дека чантата и е од лимитирана колекција. Некои од работите верувајте не би ги купиле ниту на попуст, други мора да признаам изгледаат одлично, но не на неа.
Прво тоа што не е убаво, не може да го направите такво, дури и во најсјана обвивка (мислам на неа). Второ, обвивката не е најсјајна затоа што навистина нема никакви познавања од основните модни правила, па така носи прекусо здолниште, со предлабоко деколте и става и ѓердан, обетки, бразлетна, часовник и прстен едновремено. Навистина не е пријатно за очи.
Но, не би го коментирала тоа да не беше и самата непријатна за уши со сите тие свои пофалби како е модна икона, а како дел од колешките оделе како за на пазар на работа.
Не знам како се воздржувам да не ѝ кажам дека колешката со класична бела кошула и црно здолниште под колената, купени во време на сезонските попусти, изгледа подобро од неа. На неа не ѝ претекува вишокот сало од страните, ниту се движи како маж, ниту носи два броја помали работи за да ги „стегне“ облините. Сè на неа изгледа како лиено, иако во нејзината модна комбинација не е вложено мало богатство.
Госпоѓата бренд не разбира дека дополнително неубава ја прави сиромашната душа што ја има. Таа не зрачи со позитивни вибрации, не дели насмевки, не прави добри дела, не е тимски играч, секогаш се поставува супериорно, потценува и омаловажува. Секој збор ѝ е отровен како стрела,а секој потег ѝ е пакосен кон околината.
Залудни и се сјајните чевли со штикла 10-ка, на кои се движи како што би се движел вашиот партнер ако го качите на потпетици, кога жената, која седи спроти неа, има пограциозен од и подобро држење на телото на рамни чевли.
Мило ми е што финансиската ситуација ѝ е одлична, но мора да сфати дека некои работи во животот не се купуваат со пари, како што е примерот со модниот стил и убавината на телото и душата.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело