Тело гром, образ ѓон! Образот да го чуваш бре пиле
На крајот од денот и на крајот од животот, човек го има само образот бе пиле. По тоа ќе те запаметат, по тоа ќе те спомнуваат.
Ете така зборуваше баба ми, стара жена во 80-тите години од својот живот. Кога си мал ти е смешно. Како може образот да биде ѓон? Што зборува ова баба?
Ама годините поминуваат, растеш и созреваш, полека старееш, а тие „ѓоновите“ се множат околу тебе. Одеднаш сè ти е јасно. Мудростите од баба ти играат пред очите, ти одѕвонуваат во ушите.
Сфаќаш дека животот кој го живееле бил едноставен, скромен, поприлично досаден според денешните стандарди. Нозете ги пушташ колку што ти е чергата, нешто што никако не можеме да го научиме во денешно време. Нам сè ни е премалку, од ништо не ни е доста.
Си скратувавме од јадењето да има доволно за децата, ќе слушнев понекогаш. И не ми се веруваше. Не ми беше верно дека некогаш немало доволно храна за сите. Денес ја имаме во изобилство. Дури и пребираме, а неретко и ја фрламе.
Во позајмен фустан се омажив. Немав доволно за венчаница, а другарка ми правеше свадба еден месец пред мене. Не е точно дека со позајмен фустан бракот нема да трае. Види нè мене и дедо ти, 50 години заедно, имаше обичај да се насмее баба.
Каква позајмена венчаница? Последно да е, мора да се купи нова. И не каква било и не од каде било. Да се заблеска мора, тоа е твојот најважен ден.
Не му се радуваш на бракот, не му се радуваш на човекот што си го одбрала, на веселбата и на луѓето што дошле да те видат и да се радуваат за тебе. На фустанот му се радуваш, на партал кој го носиш еднаш и веројатно никогаш. Тажно ќе скапува во некое ќоше.
Не се радуваме, не се сакаме, не живееме како луѓе. Имаме навидум сè, а на крајот од денот -ништо.
Нè дотепа лошото време, лошата економска ситуација, лошите политики, а најмногу лошите луѓе. Меѓу нив сме сите ние – алчни, ненаситни, завидливи. Не се задоволуваме со малку, окото ни е ненаситно, устата вечно отворена.
Скромноста повеќе не е доблест, сега е причина за потсмев. Заработуваме мизерно, а живееме мегаломански.
Образот бе пиле, образот чувај го. Ниту образ, ниту срам имаме. Живи ќе се изедеме меѓу себе. На човек паднат на сред улица никој не се врти да му помогне. Труеме животни, се труеме и меѓусебно.
Се расправаме кој е подобар, попаметен, во вечен натпревар на суетите сме и не бираме средства за победа. Образот? Тој се валка и се брише, до толку е лесно. Кој го гледа образот кога сите се загледани во телото?
Злобни станавме и не може некој да ми каже дека само сиромаштијата е виновна за тоа. И баба ми била сиромашна, па немала уста преполна горчина.
Напротив, да се работи, да се „зашпара“. Да се купи нешто, за да остане. Да створиш нешто со двете раце, да не го украдеш, да не му наштетиш некому, да не го наклеветиш.
Каков живот бил тоа, какво време, какви луѓе. Каква дружба имало, каква смеа, како луѓето се задоволувале со малку, а пак биле посреќни, повреди, понасмеани, почовечни.
Не можам да ви опишам што оставија баба и дедо зад себе. Луѓе со основно образование, луѓе-работници, со две просечни работнички плати. Да, времето било поинакво, но и тие беа поинакви.
Скромни, незапирливи, полни надеж и добра волја. Недостигаат такви луѓе. На ова време му фалат повеќе такви луѓе. Чесни, вредни, добри луѓе.
Луѓе со образ. Образот да го чуваш, само тој ќе ти вреди на крајот од животот, пиле.
А оние со образ ѓон, расипани, однатре скапани и морално изобличени – од нив да се чуваш сине.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело