Јавниот превоз во Скопје: Култура, правила, обѕири? Немаме ние од тоа!
Возење со јавен превоз во Скопје? Тоа е тој хорор филм што треба да го почувствуваш на своја кожа за да сфатиш колку е страшен.
Оваа „авантура“ почнува од самото качување во преполните автобуси, па до излегувањето на која било станица од градските линии.
Прво ги засукуваш ракавите затоа што на влез има тепачка кој да влезе прв и што побрзо да ја подаде раката за да си ја куцне електронската картичка. Да, и некој ненадеен бокс во лицето ако случајно добиете не е за чудење.
Потоа хоророт со луѓето кои како здрвени седат среде скали без притоа да проверат дали на вториот кат има слободни места.
По жестока дебата со нив успевате да ги убедите да ѕирнете и да проверите дали можеби некој случајно станал. И во 99,9 проценти од случаите да, горе има место и да, тоа не е само едно.
И така, тие господа на скалите си правеле гужва и ги терале луѓето да се стискаат долу еден врз друг, иако дел од нив можеле слободно да се сместат горе, ако овие не ги ставеле во заблуда дека местата се зафатени.
Потоа, конечно стигнувате до местото, но тоа најчесто не е до прозорецот и со тоа го губите правото да влијаете на нивото на кислород во автобусот. Собирате храброст да ја замолите госпоѓата до вас да отвори малку прозорец затоа што има премногу народ во автобусот и навистина е загушливо, кога таа ве напаѓа како да сте и најголем непријател и ве обвинува дека сакате да ја убиете со тоа што ќе „навлече“ реума.
Гледате надолу каејќи се што воопшто ја прашавте и тонете во телесните миризби на луѓето околу вас и зеленеете во лицето од што ви е лошо.
Се обидувате да се занимавате со книгата што ја понесовте или да прочитате нешто на интернет за да го тргнете умот до ситуацијава, кога ете ја госпоѓата до вас на сиот глас започна жолчна дебата со сопругот по телефон што да готви или да не готви за ручек. И тоа трае и трае, па се префрла на тоа зошто бојлерот не се пушта на евтина струја, па како сопругот е бескорисен, децата себични, а таа малтретирана.
И не навлегувам во тоа дали ова е во ред или дали е вистина, но навистина немам потреба да си го оптоварувам мозокот со проблемите на секој странец што ќе седне до мене во автобус. И онака имам премногу главоболки за да можам да трошам енергија на вакви работи. Кога работниот ден конечно ќе ми заврши и сакам да се релаксирам ја добивам оваа тортура, навистина не е фер.
Зарем не знаете дека е некултурно да се разговара на телефон во автобус, особено на сиот глас за приватни работи? Па, истото можете да го направите пред влегувањето или по излегувањето во автобус или испратете СМС порака, но навистина нема потреба бесплатните минути од вашиот телефонски оператор да ги трошите по секоја цена и да малтретирате луѓе по секоја цена.
И конечно наредната станица е моја и тргнувам да се симнам од задниот ИЗЛЕЗ. Да, задниот затоа што предниот е ВЛЕЗ и сфатете сите еднаш засекогаш. Не се симнува по предни скали и не се излегува од предна врата. Од таму луѓето влегуваат и вие правите хаос.
Се обидувам да излезам одзади, се „прекачувам“ преку минимум 5 луѓе кои стојат на скалите кои водат до излезот и кога конечно излегувам си велам „добро е преживеав, конечно воздух, далеку од чист ама дефинитивно мноооогу подобар од оној внатре во автобусот“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело