Мажот има слатко пивско стомаче, ти имаш мишелинки и сало

Трчај на депилација. Со восок, ладна, шеќерна, египетска. Брзо на нокти, пораснале некако. Педикир не заборавај, среди си ги стапалата. Подраснат корен, ѕиркаат многу бели влакна, кога на фризер, леле ќе има ли место?!

Mazot-ima-slatko-pivsko-stomace-ti-imas-mishelinki-i-salo-01.jpg

Минимум еднаш месечно на козметичар. Порите ти се огромни, брчките веќе се наѕираат, си длабат спомени на лицето.

Шминки, шминки, шминки, уште една нова пудра, две маскари и три нови кармини. Дали таа марама оди со тие чевли воопшто? Дали тие обетки се соодветни за пригодата?

Ботокс, измазнување на лицето, пополнување усни, стегнување гради.

Не оставај ниту едно влакно на себе. Ти си таква родена, невлакнеста, нежна, мазна, бебешки мирисна и таква треба да се задржиш додека не го испуштиш последниот здив, не да ми скиселиш како туршија.

Надминеш ли 60 kg, како може себеси да се нарекуваш жена? Не си повеќе мачка, ти си слоница. Крава, мечка, ѓуле, двокрилен шифоњер, со задник – руски телевизор.

Од друга страна, еве го маж ти. Се истегнал на каучот и мрзливо си стиска по копчињата на далечинскиот. Му се познаваат залистоците на косата, но тоа е дел од неговиот средовечен шарм. Се испотил малку, но како да не му е баш многу гајле. И стомаче пуштил, хехе, а бе тие се годините, пивско стомаче ако нема – маж ли е?

Твоето не добива епитет како „слатко пивско стомаче“, твоето е мишелинка, растурена пача, дебело сало.

Твоите бели влакна не се шармантни, срамни се како оние долу кои треба да ги откорнеш па макар приплакала од болка.

Неговите влакна ѕиркаат од секаде, но тој е мажествен, како не разбирате?

„Трпи бабо за убавина“ ти мантраат, додека се тетеравиш на крајот од денот на високи штикли. Само така ќе го освоиш светот, која жена го покорила светот во балетанки и рамни чевли ви се молам?

Истиот оној свет кој не ти дозволува да здивнеш. Истиот оној свет кој те оценува, потценува, исмејува.

Да си совршено средена од глава до петици. Да не покажуваш премногу емоции, како да си вечно заглавена во периодот на ПМС. Да си пријатна, тивка, ненападна, културна, воспитана, со дамски манири и златна насмевка.

Да не противречиш многу многу, не е женствено. Мажите не сакале некоја да им се прави попаметна од нив. Потврдно да кимаш со главата и да се насмевнуваш блажено, како да си постојано присутна во разговорот.

И повторно мажот е подобар, попривлечен, поприроден, посупериорен, попаметен, порационален, позрел од тебе. Попрагматичен, поприземјен, повеќе може да се потпреш ти на него, отколку тој на тебе, иако не е во состојба да запамти ниту еден роденден во годината.

А зошто му е тоа, ти си тука, и за твоите родители и за неговите родители и за твоите роднини и за неговите роднини и не само за рoдендените, ами и за свадбите и погребите и мекиците и што веќе не! Ти си таа добро подмачкана машина која неуморно се труди, чие невлакнесто тело е скапано од умор, а мозокот не може да ти се исклучи ниту кога спиеш, ама никој не ти вели фала.

Си преземаме повеќе товар отколку што можеме да носиме, а после ни е криво зошто никој не ни го цени трудот.

Се потресуваме секаде да стигнеме, секому да угодиме, а притоа да изгледаме што е можно поубаво и попривлечно, бидејќи ти си ЖЕНА, МАЈКА, СОПРУГА, и не можеш да си земеш одмор од сите тие улоги кои мора да ги играш одеднаш и беспрекорно. Секојдневно.

Па, дадете си малку оддишка жени. Освен ако навистина не ви е искрено дојдено до сите тие тинтрења и малтретирања околу надворешниот изглед. Ако навистина уживате за себе, продолжете да ги правите.

Ако барем едно ви предизвикува болка, несреќа и мизерија, прекратете го мачењето.

Го трпиме притисокот да изгледаме добро, да се однесуваме добро, а што е најтрагично - најмногу си го наметнуваме самите. 

Не се смејте кога не ви е дојдено до смеење. Не давајте поддршка кога некој не ја заслужил. Не трошете се на евтини ликови и укажете им кога кажуваат глупост, за да научат и да не ја повторат. Не земајте го целиот товар врз својот грб, тој треба да се подели. 

Постоиме да си угодиме само на себе, не на сите останати. Да земеме пример од мажите, тие совршено добро знаат како се постигнува тоа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg