Оваа промена е последица на моите храбри одлуки
Деновите ќе изминат, зборовите ќе згаснат, луѓето ќе се приберат во своите домови и целата таа врева ќе исчезне. Тогаш зошто да губиме време што мислат другите?
Помина цела година, во која во најмала рака се променив, затоа што избирав храбро, со нови мисли и идеи во главата. Се водев од она што ми го налагаше срцето и го слушав внатрешниот глас. Нешто што го избегнував порано.
Зошто го избегнував?
За да се вклопам во она што беше нормално. За да не бидам ненормален во очите на општеството кое осудува. Играв сигурно, само за да не ме стават на ражен. Во оваа година која измина донесов храбри одлуки.
Дали се каам?
Не воопшто. Никогаш нема да зажалам за ниту еден кажан збор, за ниту еден изминат ден, за ниту една личност која случајно влетала или случајно излетала од мојот живот. Затоа што секоја постапка доаѓаше од некаде внатре. Имаше своја причина, имаше своја приказна. Сите тие мисли во главата, настануваа со причина.
Не постоеше сила која што можеше да се спротивстави на нормалниот тек на настаните. Тие беа такви, спонтани, неочекувани, баш поради тоа. Можеби и затоа беа најубави.
Во овие денови кои што изминаа јас се откривав себеси, одново, растев со секој еден чекор кој го презедов, за да сфатам кој сум, каде сум, зошто сум и каде сакам да бидам во иднина. Да се пронајдам во тој тек на реката наречена живот. Можеби шокирачки, можеби изненадувачки за сите, но јас учев за себеси додека другите мислеа дека сум се побркал.
Не ги разбираа моите нови замисли, моите постпки, моите чекори кон иднината. Зборуваа, понекогаш и лаги, раскажуваа, најчесто невистини. Велеа дека ми нема спас, само затоа што не бев она што тие сакаа. Но знаете што беше најважно, што мене тоа апсолутно не ме допираше.
Храбрите луѓе кои можат да застанат на сопствени нозе, без разлика во каква ситуација ќе ги ставите. Оние кои се исполнети со сопствената самодоверба, кои се сигурни во она што го прават и кои што знаат каде треба да стигнат на крајот на денот. Нив не можеш да ги разнишаш. Колку и да се трудиш, колку и да сакаш да им наштетиш, нема да можеш.
Нивниот оклоп, можеби не е непробоен, но сепак е цврст, затоа што е изграден од најгрозните случки во животот, кои ги направиле силни. Тоа не се продира така лесно.
Ќе слушнам повторно, дали тетката на тезгата, дали комшијата, ќе каже еден лош збор, кој полека ќе исчезне, како годината која згаснува и ќе си помислам кој ли му дава право да судат. Зошто сакавме да бидеме судии, без никакви овластувања?
Јас само ќе зачекорам, ќе дозволам зборовите да ме заобиколат, бидејќи во мојот бафер нема место за нивните глупости. Секој чекор замислен, секоја постапка осмислена, секој збор и секој здив правилно, однапред предвиден.
Воден по сопствените верувања, на патеката до врвот.
Зошто толку сакав да го искачам?
Не за јас да бидам виден од светот. Тоа никогаш не ни беше целта, која што многумина не можат едноставно да ја стават таа мисла во својата проста логика. Целата таа битка, беше за јас да го видам светот, бидејќи на тој начин ќе имаше одлична палета на бои и слики, кои ќе поминат низ главата во моментот кога ќе ми згаснат очите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело