Убавите круши ги јадат свињите, со причина!

На луѓето можеш да им земеш на сила, но не можеш да им дадеш на сила, знаеше да каже баба ми кога ќе слушнеше каква глупост се случила во комшии. Јас само ќе се насмеев, за да ја поддржам нејзината неразбирлива шега, за да не се чувствува осамено во својот заклучок, а таа ќе ме погалеше по главата и ќе кажеше „малечок си, ама ќе сфатиш”.

ubavite krusi gi jadat svinjite so pricina 01

„Луѓето зборуваат за другите, многу често, работи кои потоа ќе ги голтнат во себе, работи кои ќе бидат причина за смеа на нивна сметка и како што знаеше мајка ми да каже, она што го зборувале, ќе им дојде како срам на сопствената глава.” Ќе се изнасмееше, а јас само ќе кимнев со главата.

Дедо ми од друга страна, целиот ден го минуваше во градината, имавме овошна градина со најразноразните овошки. Како ден денес се сеќавам на неговите вцрвенати рамења, и белата долна маица пикната во старите излитени фармерки. Зелените гумени чизми и сламениот шешир кој си го купил на своите патувања во Америка. Нешто слично како човек кој живее во Тексас, само македонска верзија. Тој ги знаеше сите овошки. Нивниот шепот, нивната надворешност, внатрешност, се грижеше за секој плод како да беше негово дете. Тој живееше за нивното создавање.

Се сеќавам дека ме прошета по патеката која водеше до крушите, беше возбуден, ми кажа дека не видел таква круша дотогаш. Ми рече погледни ја, сочна, жолта, голема, убава и тогаш изговори нешто што ме збуни целосно: „да знаеш синко, убавите крушки ги јадат свињите, со причина“ и упати еден тажен поглед во земјата како да му се скрши срцето.

Не можев да најдам поврзаност во неговата контрадикција, која ми ги мешаше мислите. Како тоа, зошто тие да бидат изедени од свињите. Тоа е неправедно си помислив, јас ја сакам таа круша.

Тогаш тој ме седна и ми ја раскажа приказната која мислев дека е мит, до неодамна. Ја имав во главата но си мислев дедо ми измислувал за да му помине времето во градината полесно.

„Не секогаш, но се случува често синко. Ќе ја гледаш, ќе ја вложуваш својата енергија, ќе правиш сè за крушата да изгледа онака како што можеш да ја забележиш сега.

Ќе биде сочна, ќе ти ја јадат очите и ќе ја замислуваш како добро би се вклопила во секој сок, компот, каква пита би можело да се направи со неа, едноставно таа е модел за изложба. Но често се случува крушата, иако најубава да биде убедена дека е скапана.

Често ми се случува да „разговарам со овошките”, па кога ја прашав оваа круша каде припаѓаш ти, во скапаните или во убавите круши?

Таа ми возврати „Јас сум скапана”, па ја ставив по сопствено убедување во кошницата која ќе заврши кај свињите.

Види внучко и свињата е организам кој заслужува убаво, но нејзината мрзеливост и убавината која ја наоѓа во калта ја тераат да биде стереотип за нешто што служи за потсмев. Таа нема да се потруди и нема да се побуни да ја смени својата храна, ќе го јаде она што и е дадено, затоа што како што ти кажав погоре тоа е свиња. Незаинтересирано суштество кое нема цел од иднината, односно целта е да исчезне до наредната зима, тоа ти е нешто како да живееш и да чекаш да умреш без притоа да преземеш нешто за животот.

Кој е тука крив, крушата која завршила кај свињата непотребно, или свињата која ќе јаде нешто што не го заслужила?” ме погали по главата и си замина.

Тогаш си помислив дека ги згрешил апчињата, како што баба ми знаеше да му каже. Но животот му дава смисла на работите, многу години подоцна од сопствено искуство ја сфатив приказната за крушите и свињата. Не беше крива свињата, таа немаше претстава што се случува надвор, затоа што не ја интересираше, ја интересираше излежувањето во калта и времето за јадење, ништо повеќе.

Виновна беше крушата, на која и беше дадено до знаење, не еднаш, туку стопати дека таа е најубавата која некогаш постоела, дека има сè за да заврши на различно место од мешавината на разни скапаници во помијата за свињите. Но таа беше убедена дека не може. Се потценуваше себеси, затоа што веруваше дека таа не е тоа, мислеше дека е помалку. Во обидот да биде помалку, таа заврши онаму каде што најмалку требаше.

Што може човек да направи со некој кој се самопотценува и не се самовреднува?

Апсолутно ништо. Понекогаш на луѓето или крушите, заради нивните ограничени и плитки размислувања и неможноста да ја согледаат реалноста, им треба таков крај. Да завршат во хранилката за свињите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg