Мажи женкари, извадете ја бурмата од џебот!
Кај жртва, таму и виновник, неговата сопруга лежи сама во креветот и се преиспитува себеси додека тој е во лов на лесни жени.
По излегувањето од дома бурмата оди во џебот... Имала емотивно значење? Па, што е тоа! Тој сега оди да стои потпрен на шанк или да седи на сепаре со шишиња алкохол и енергетски пијалаци во лов на евтини, неморални жени.
Сега ќе ги извади од ракавот излитените муабети како има млад дух и обожава да се дружи во млади луѓе и како му треба релаксација од напорното раководно место. На девојки, кои по годините можат слободно да му бидат ќерки, ќе им раскажува приказни, кои ги знае не затоа што прочитал некоја книга, туку затоа што е стар како библија, па животот нешто го научил.
Со стомакот издаден нанапред и косата делумно замината во неповрат со своите раце дрско ќе граба млади тела, додека неговата сопруга, со која прославија децении брак ќе се превртува сама дома во студениот кревет. Не, жената што му ја подари младоста, срцето и му роди деца повеќе не му е предизвик. Таа сега е само стара истрошена роба, која е добра само за да го теши кога во глава ќе го удри средовечната криза.
Да, да за неа никој не смее да каже лош збор, таа е ангел, таа е непогрешлива, но тој со секое свое недело гази врз неа и полека, но сигурно го убива нејзиниот сјај. Глуми наивен, но таа добро му го знае и погледот и мирисот на телото, а уште повеќе умот и живее со болката зошто не му е доволна.
Можеби не го фатила на дело, но добро знае како очите со жед му пијат други жени и како волкот го менува влакното, но не и карактерот. Залудно ѝ вели дека тој не е како другите кога милион пати го фатила како бурмата наместо на раката, му стои во џебот и добила смешни објаснувања за истото.
Тој прави гревови, а таа живее со помислата дека не е доволно убава, не е доволно млада, не е доволно провокативна за да го разгори неговиот сексуален жар. Во себе ја бара вината што повеќе не е цел на неговата возбуда. Кај измамена, па и со комплетно разнишана самодоверба, кај жртва, таму и виновник...
Но, виновник има само еден – нејзиниот сопруг кој не знае што значи љубов и преданост.
Наместо кога беше ерген, тој сега сфати дека треба да ги реализира своите непроживеани соништа. Без грам срам си ја става бурмата во џебот, тргнува во поход, спие со недостојни жени и потоа ја валка кога ќе легне до неа во креветот. Душата ѝ ја валка кога одново и одново ја изневерува нејзината доверба. Емоционално ја уништува и ја срами пред светот затоа што нели нашиот партнер е наша рефлексија, па како она можеше да се вљуби во ваков никаквец од човек?
И додека го размислува тоа, таа повторно му ги пере гаќите, му приготвува ручек, му ја пегла кошулата и сама себе се убедува дека вчера сигурно ја извадил бурмата за да не му испадне од течниот сапун при деловниот состанок во еден градски локал.
Но, знае дека тој не е вреден за љубов, а таа е комплетно луда што му дава шанси одново и одново.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело