Што кога ќе те разочараат?
Додека растев секогаш во главата ми се вртеше, длабоко во потсвеста една реченица, која ме мачеше секогаш кога ги запознавав луѓето. „Те молам, немој да ме разочараш”, знаев да помислам, живеејќи во страв дека луѓето ќе го направат токму тоа, ќе разочараат. Како што беа истренирани и да прават, да разочаруваат.
Но тоа не беше најстрашното, најстрашното нешто доаѓаше потоа, што кога ќе те разочараат?
Долго време сметав дека секој еден надвор ќе се однесува кон мене, на начинот на кој јас се однесував кон другите. Но заборавав дека не сите делиме исто срце, не сите сакаа да учествуваат во градењето на хармонијата. Некои беа таму само за да бидат, некои од корист, некои ни самите не знаеа зошто, но беа тука, повремено.
Порано или подоцна ќе ја достигнете таа точка каде што сфаќате дека всушност сите оние кои што сте ги наредиле во првиот борбен ред, веднаш до вас, вашето најсилно оружје, ќе заминат кога вие сте нападнати од крвожедна армија. Токму во тој момент сте соочени со фактот дека безбедносната мрежа, на која се надевате дека ќе ве задржи кога ќе изгубите рамнотежа на јажето кренато високо од земјата, не постои и имате две опции.
Да останете сами, силни, безразлика што ви се тресат нозете и да стигнете до другиот крај или да се исплашите и испаничите, да дозволите да паднете на земјата и да се искршите на ситни делови, а сите знаевме колку боли лепењето на тие делови. Боли предавството нели?
За жал како што изминуваа годините сè почесто се соочував со таквите мини предавства на луѓето околу. Понекогаш дури можев да го видам и црвениот нос и периката која ми ја ставаат несвесно или намерно, убедувајќи ме дека тоа е правилно, а јас како добар другар го прифаќав нивниот совет, поминувајќи долго време како кловн под рефлекторите, додека тие истите паѓаа од смеење. Но и тоа не беше најстрашно, затоа што тоа бргу поминува и се заборава.
Знаете што беше најстрашно?
Кога ќе сфатите, кога ќе сумирате сè. Кога ќе останете затворени во вашата глава и ќе престанете да се грижите, за тие до вас, за тие пред вас или зад вас. За секој еден кој дотогаш бил некаков фактор во вашиот живот. Кога ќе се издигнете себеси и ќе откриете дека како такви ќе ги водите вашите битки. Кога ќе ги отфрлите сите тие квази соборци.
Кога нема да им дадете простор повторно да ве разочараат, затоа што знаете дека тоа ќе го направат. Кога ќе се откажете од градење силни врски, кога ќе ве натераат да бидете идиот, полош од нив. Најстрашното е кога ќе ве претворат во ѕверот кој мора сам да ги води тие битки. Тоа не е најстрашно за вас лично, туку за нив, бидејќи ќе се појават одненадеж и ќе ви кажат дека сте се промениле. Нели е иронично?
Дали поради тоа светот одеше по ѓаволите?
Дали секоја невина душа која ќе беше изиграна, стануваше полоша од тој кој ја изиграл. Дали таквата болка на душата не тераше да измениме сè она што е чисто и искрено за да имаме моќ да се справиме со светот околу нас?
Можеби звучи чудно, но се чувствуваше во воздухот, како создавање на нов свет, нова аура околу истата личност. Нов човек во истото тело. Посвесен, поразумен, поучен од се претходно, посилен. Сам, а толку силен, на јажето кренато уште повисоко до небото, со совршен баланс. Оној истиот кој мислел дека му треба некој околу за да успее.
Раните остануваа и можеби создаваа пречка за секој нареден кој ќе се обиде да стави конец, да ги натера да зараснат, да ги излечи и можеби да разубеди дека сепак постојат исклучоци. Но, беа убав потсетник за тоа колку луѓето знаат да бидат расипани. Како трофеј кој кажува дека единствената личност на која можете да се потпрете стопроцентно, сте вие и само вие самиот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело