Луѓето најдобро ги запознаваш според начинот на кој заминуваат од тебе

Љубовта ни се сведе на куртоазно добро утро и дали сакаш кафе? Да, сакам кафе. Сакам и да ме погледнеш во очи додека ти зборувам. Дури и кога го правиш тоа гледам само две празни дупки порабени со остатоци од солзи.

Lugeto-najdobro-gi-zapoznavas-spored-nacinot-na-koj-zaminuvaat-od-tebe-01.jpg

Тука си, веднаш спроти мене, а оддалечена илјада километри. Не ме забележуваш, сеедно е дали се движам тивко низ станот или создавам звучен хаос.

Ти потона во местото со потполна тишина. Удобно ти е, и не сакаш никој да те извлече од таму. Веројатно тоа го добива човек како казна кога не се грижи доволно за луѓето кои го сакаат.

А не толку одамна се љубевме како да не постои утре. Не толку одамна можев да се заколнам дека ќе ме сакаш до крајот на животот, до последниот миг, дека се граничиме со вечност и се множиме со бесконечност.

Но, крајот за луѓето кои ги земаат работите здраво за готово е неминовен. Крајот за таквите како мене кои изневериле е неизбежен.

Добив втора шанса и се обидувам да ја оправдам, но залудно е. Некогаш ниту вторите шанси не се доволни, ниту љубовта не е доволна да ја избрише лагата и неверството.

Тука е, постојано присутно, се провлекува како тивка невидлива болка и удира кога најмалку очекуваш. Штотуку ќе помислам дека сме го надминале сето тоа, сме го подзаборавиле, тоа чука на вратата, враќајќи се да нè прогонува.

Го молам чувството да замине, да нè остави. Се молам да ми се вратиш, среќна, прекрасна, насмеана, полна со живот, онаква каква што беше пред да те скршам.

Но, доцна е. Залудно го лепам остатокот од нашата некогашна среќа, обидувајќи се лепилото да е доволно силно и да држи. Пукнатините ѕиркаат и го нагрдуваат огледалото.

Се огледуваме двајцата во него и сме изобличени, чудни и многу тажни, особено ти.

Како сенка од девојката која некогаш беше. И јас сум виновникот. Јас нè распарчив, јас уништив сè.

А ти си сè уште тука, но исто како да не си. И се обидуваш да се насмееш, но изгледа исто како кога почнуваш да плачеш. И ми велиш дека ќе го надминеме ова полека, дека ќе помине, но навечер се затекнувам пред вратата од спалната соба и те слушам како плачеш.

И тогаш се докршувам, се дотолчувам повеќе. Затоа што сум проклет, безмилосно непромислен. И сè уште ти создавам болка поради која се виткаш како фетус во креветот.

Утро е, уште едно типично ледено ноемвриско утро. Буден сум многу пред тебе, те гледам додека сè уште спиеш, се обидувам да го замрзнам овој миг, за да потрае. За да не мора да се разделиме, бидејќи чувствувам дека тоа е неизбежно. Дека не оди, не се поправа.

Се простува, но не се заборава. Се будиш, ми ги привлекуваш рацете кон твоите усни. Ги бакнуваш и само шепотиш – Мислам дека е доста.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
За бабите што чуваат внуци, еден медал ќе ве молам! Ако вашето дете има баба која го сака подеднакво силно како и вие, тогаш вие сте...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg