Шоферишта и пешаци со нула сообраќајна култура - освестете се пред да згазите или да бидете згазени
Скопје е генерално град со катастрофална сообраќајна култура. Културниот барометар веројатно е под нулата, што значи дека ние сме веројатно нешто под дното кога станува збор за сообраќајници, раскрсници, улици, шоферишта, а бога ми и пешаци.
И сите до еден имаме удел во вината кога станува збор за оваа катастрофална ситуација. Само помислете си, кога сте возач, пешаците ви се виновни, кога сте пешак – обратно.
Кога сте на велосипед нема правда за вас, кога набљудувате некој што вози велосипед не престанувате да коментирате колку лошо возат и колку се безобразни и арогантни, само затоа што се обидуваат да водат алтернативен живот и да не загадуваат.
Бреј, голема работа, нели?
И сите брзаме некаде, и сите сме во фрки, толку многу што би го ставиле и својот и туѓиот живот на коцка само за да стигнеме поскоро, па макар го фатиле семафорот на популарното портокалово. А многумина си поминуваат и на црвено, без око да им трепне.
Кога по некое чудо регуларно ќе ви застане автомобил да си поминете прописно на пешачкиот премин, возачите го извиткуваат вратот, ги врголат очите и ве стрелаат со погледот, во смисла – каде е моето благодарам драга госпоѓице што запрев на пешачкиот за тебе? Неблагодарнице мала!
Извинете драг господине што не ви се поклонив, не ви пуштив бакнеж во воздухот и банкнота од 1000 денари што не ме згазивте, туку ми дадовте предност на пешачкиот премин. Мојот наклон до земја што покажавте основна сообраќајна култура, човечност и што ги следите прописите и правилата.
Во ред е, лудо се вози низ Скопје, тоа е јасно како бел ден. Некој брза некаде, некој се мачи низ сообраќајот со купената возачка дозвола и се поти позади воланот, молејќи му се на Бога што сè уште не завршил во некоја сообраќајка.
А, некои пак, сакаат да се перчат со големината на својот автомобил, за да надоместат за нешто друго малечко, како на пример, мозокот.
Особено ги сакам оние мали комбенца од другите градови што застануваат секаде каде што ќе им дојде и од секоја крива крушка низ градов си прават автобуска постојка за собирање патници и безмилосно ја окупираат првата лента.
Или таксистите кои слепо мора да ја слушаат желбата на секој неписмен патник. Еве, тука симни ме, ОП, стиска кочница немајќи осет за никој околу него, клиентот е секогаш во право. Ќе го симнам среде улица, во првата лента и ќе го закочам сообраќајот.
Возачите на автобуси не се ништо подобри, особено оние од градскиот сообраќаен превоз. Сега откако заврши војната помеѓу приватните и државните автобуси и не се тркаат со цел кој ќе собере повеќе патници може да здивнеме малку.
Сега само сме сведоци на нивното напоредно постројување еден до друг со автобусите каде што окупираат две ленти само за да си мафнат низ прозорецот и да си кажат едно здраво и дали ја испекле ракијата.
Не е дека сите шофери се од оние кои се однесуваат како да возат вреќи со компири. И меѓу нив има ретко внимателни совесни возачи, но се ретки како игла во стог сено.
Сите брзаме наутро, просто е како грав. Но, она што најмногу ме иритира се возачи во автомобили кои не му даваат предност на автобусот. Ти се возиш сам, автобусот пренесува 50 патници. Навистина, зарем тие треба да имаат предност? Ма давај гас и гази сè пред себе! И рокај ја Северина (гас, гас!)
Конечно, пешаците. Категоријата која мисли дека е секогаш угнетена и обесправена. Навистина е така, угнетени сте затоа што пешачките премини се толку многу оддалечени, па мора да одите цели 150 m за да си поминете по правила и прописи.
Наместо тоа, полесно е да преминувате улица каде што ќе ви текне, да газите по зелени површини и да скокате од грмушки директно на коловоз како некои манијаци. После таму некој Шумахер сакал да ве згази, а вие не направивте ништо погрешно. Освен што ве мрзи да го помрднете задникот до пешачкиот, за свое добро.
Стоиме на пешачки, чекаме да се вклучи зелено. Старо и младо, натоварени, уморни, смрзнати. Мајка со детенце решава да помине. Детенцето ѝ се обраќа:
- Ама мамо, нели треба да свети зелено, а не црвено?
- Ма ајде, нема никој!
И поминаа. Каква прекрасна лекција за едно мало дете, нели? Сите сме задоени со лоша сообраќајна култура. Прашањето е кога ќе го промениме тоа, пред да биде предоцна?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(O)Милена | Црнобело