Престанете да измислувате несреќа таму каде што ја нема - од скршено срце и лоша фризура не се умира
Постојат вистински несреќни луѓе, а постојат и луѓе кои сами по себе привлекуваат несреќа со својата пасивност, ниска самодоверба и вечните жалби и поплаки.
Сè лошо им се случува на нив, целиот свет е против нив. И тие самите не знаат како се толку несреќни, кога се толку фини душички. Што му згрешиле на светот и животот?
Кога си постојано фокусиран само на негативните аспекти во животот, логично е дека ќе привлекуваш негативни емоции и ќе си налепуваш несреќа на грбот. На ваквите навистина им треба добра шлаканица за освестување, бидејќи прво треба добро да дефинираме што е вистинска несреќа.
Тешки болести, страшна сиромаштија, војна, смрт. Да гледате некој како ви умира на раце, а вие не можете ништо да сторите во врска со тоа. Да гледате секој ден како умира малку по малку неповратно, а вие не можете да му одземете ниту грам од болката.
Да ви гори домот, да го изгубите најмилото, да останете голи и боси на улица, да сте среде пустошот на една војна. Да сте смртно болни, да сте бегалци, да немате парче леб.
Тоа се вистински несреќни човечки судбини. Што е најиронично, ваквите луѓе ретко ја губат насмевката од лицето. Кај нив механизмот за преживување е свртен на најсилно, тие буткаат и грабаат, бидејќи се желни за живот, за тоа мало парче среќа кое им се измолкнува од рацете.
Конкретно, на стар човек од 80-тина години кому му е дијагностицирана терминална болест, на неколку денови со помош на силни лекови му станува подобро. Тој буквално рипнува на нозе. Дури и на тие години е среќен што е жив, добива нова волја и сила за уште потопли денови. Не е важно што преживеал 80 лета, тој почнува да прави планови што ќе прави идното лето, како ќе си го суреди дворчето, каква овошка ќе насади.
Да го гледате тоа со сопствени очи, верувам дека силно ќе се потресeте. Знам дека си велите – аман, малку ли му се 80 години, живот изживеал. Малку му се. Човекот сака да живее, сака да гледа изгрејсонца, сака да си мези со ракиичка, сака да се гушка и да се расправа со бабичката, сака да ги гледа внуците.
Не крева раце од животот ниту на 80 години. Од друга страна, млади прави и здрави млади луѓе се веќе страшно депресивни, толку многу што со месеци не можат да се одлепат од креветот и компјутерот. Не се клинички депресивни, немаат таква страшна дијагноза, туку буквално глумат депресија.
Несреќни се, немале пари за излегување, несреќни се, не можат да си го купат последниот модел од омилениот телефон, несреќни се, љубовта на нивниот живот со кого немале контакт последните 5 години се сплеткал со некоја помлада. Несреќни се, вагата покажала цели 3 килограми плус, фризурата не им ја погодиле, уште живеат со домашните.
И сега, ајде да умираме. Готово, на 25 години се крева раце од животот, без грам енергија и идеја што понатаму.
А камо да се умираше така лесно. Камо да имаше копче да го премоташ животот и да отидеш директно на смртната постела. Ама погодете што – и да го постоеше такво копче, и да можевте да го стиснете, на крајот ќе се каете поради постапката.
Затоа што животот си бара да биде изживеан. И тој има подеми и падови, има темница и светлина, има црно, но го има целиот спектар на боите во полн сјај.
Има смрт, но и раѓање, има болест, но и оздравување. Има грди работи, но има и толку многу убавина и среќа.
Па вие што глумите депресија и несреќа, престанете да се самосожалувате и силно скокнете на двете нозе како оној 80-годишен старец. Трансформирајте ја таа своја несреќа во среќа.
Лоцирајте го изворот на сопствените проблеми и пронајдете решение. И не самозалажувајте се дека некој ќе го стори тоа наместо вас. Ако не си помогнете сами, никој друг нема да ви помогне.
Престанете да плачете без потреба, престанете да бидете слаби и кршливи и уморни од животот на само 25 години. Престанете да се полните и да ширите негативни енергија, престанете да бидете намуртени, бидејќи не е во мода.
Сериозно освестете се. Животот лета додека да трепнеш, а вие трепкате. Силно отворете ги очите и умот и срцето и зграпчете сè што има пред вас. Направете милион и еден план за подобро утре и дајте сè од себе да ги остварите до последниот миг, како оној старец.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело