Ожени се за парите и кариерата!
Беше некаде околу четири часот, трчав по скалите на вториот кат за да го променам моето сако. Само што заврши првата смена на мојата прва работа, па брзав во училиштето каде што држам часови, да го одработам вториот дел од моето работно време предвидено за тој ден.
Застанав пред огледалото и видов дека на новото сако не ми одговара старата вратоврска, па ја променив и неа. Конечно задоволен од мојот изглед, потрчав кон автомобилот, за конечно да стигнам на време.
Во нашата зграда на првиот кат живееше еден човек, кој секогаш пратеше сè и секогаш знаеше сè. Никој не ги земаше за зло неговите зборови, но понекогаш едноставно знаеше да те извади од такт со своите испади. Додека ја ставав чантата на задното седиште некој извика од терасата „Ех бе комшија, на крајот ќе се ожениш за парите и кариерата, што ќе им правиш на толку пари, Бог да чува!”.
Јас само го кренав погледот и му испратив заканувачки стрели, иако него тоа не му пречеше, му беше храна за душата, да види дека успеал да изнервира некого. Ја затворив вратата и во текот на моето 15-минутно возење размислував за неговите зборови.
Што имаше лошо во тоа човек да биде млад и успешен? Зарем ако се трудиш да заработуваш повеќе од нормалното тоа те прави среброљубец, зарем тоа е лоша работа, да се жртвуваш себеси за да обезбедиш нешто за твојата идна фамилија? А и тие разговори за женачка на мои 22 години?!
Ако целиот мој интегритет и целoто мое време сум го вложил за да можам редовно да ги платам сметките, да можам да си го дозволам она што некогаш моите не можеле мене да ми го овозможат, дали е тоа грев? Да сакаш убав живот, онаков за каков што си сонувал отсекогаш?
Кога амбицијата и желбата да се искористи сопственото битие за поголеми цени стана проблем?
Зарем ако се трудам да успеам во животот тоа значи дека помалку ги ценам љубовта и семејството? Дали тоа ме правеше помалку романтичен?
Нели можеа да сфатат луѓето дека токму она што го правам е за некаква иднина, која јас сакав да ја наречам сигурна, каде финансиите нема да ја диктираат мојата среќа, бидејќи од тој аспект ќе бидам обезбеден. Зарем тоа ме правеше грешник?
Не знам зошто дозволив кратката пауза помеѓу двете работи да ја изгубам заради човекот од првиот кат, но не беше првиот кој го помислил тоа за мене и да бидам искрен, тие зборови болеа. Но на кого ќе му објасниш, кој може да се стави во твоја кожа за да сфати, ако и тогаш секако сака да сфати.
Не беше мојата цел да го паркирам моето BMW некаде и да се „мафтам“ со злато околу мојот врат, никогаш не ни купив скап автомобил, го возев оној стариот што го имав отсекогаш. Не беше идејата да бидам финансиски стабилен за да можам да бидам виден од другите или да бидам „сељакот“ кој ќе се расфрла со пари. Она што јас го имав како моја идеја, беше да можам да ги платам моите трошоци редовно, навремено, без да се мислам колку ќе дојде струјата овој месец и ми успеваше на најубавиот начин, со мака, труд и користење на моите способносити.
Да имам едно мало убаво местенце, каде што ќе ја сместам фамилијата и ќе можам да им овозможам спокоен живот, овозможувајќи ги работите за кои некогаш јас сум копнеел, но едноставно заради недостиг на средства не се случиле. Кога желбата за подобра иднина стана погрешна?
На крајот на денот си помислив, нека мислат што сакаат. Сè додека ме држи ова тело, ќе ги земам обврските, кои на крајот на денот ме прават среќен и исполнет. Дали тоа ќе му смета некому и дали ќе бидам наречен лаком, бесчувствителен, ладен и кој уште не збор од таа палета, воопшто не беше важно.
По мое мислење, ако луѓето беа скромни и не се бореа за надминување на просечното и го работеа само она што е рутински, светот немаше да се помести од мртва точка. Јас посакував успех секому, дај Боже сите да се трудат да го искористат максимумот од себе и да сфатат зошто некој го прави тоа, дај Боже сите несебично да го движиме светот напред со избегнување на просечното.
Колку ќе ве осудат, повредат и дали нивните зборови се вистина, тоа е апсолутно ирелевантно, затоа што сè додека го правите она што е ваша замисла и цел, сè друго е неважно.
Никогаш повеќе нема да изгубам време на темата. Ќе има некој што ќе го сфати тоа, што ќе го цени тоа и ќе биде мотивација за уште повеќе, а празните зборови, не залудно се наречени празни...
Н. Буџак | Црнобело