Што ако останеш сам?

Имаше нешто посебно во дождот. Многумина знаеја да кажат дека тој е главниот виновник за уништување на среќата, а јас како лудак, невклопен во таа околина го обожував неговото тропање.

sto-ako-ostanes-sam-001.jpeg

Понекогаш сакав да го заборавам чадорот дома, намерно, за да дозволам да го натопи моето тело, без никаква причина, со надеж дека ќе го измие секој грев кој беше создаден од моите клетки.

Луѓето беа различни на дождот, како да не чувствуваа потреба да ги носат лажните насмевки и тогаш лесно можеше да им се прочита во очите што всушност чувствуваат, како да го спуштаа својот гард, ги фрлаа маските и дозволуваа да бидат она што навистина се. Како дождот да го миеше лицемерието.

Луѓето беа толку зафатени да мислат како ќе стигнат од една точка до друга заради неговото присуство, што забораваа да се фокусираат на нивното лажно претставување. Барем мене така ми се чинеше.

Тоа беше необјасниво, се чувствуваше во воздухот, а душата едноставно можеше да ја забележи искреноста, во тие реално намуртени лица. Претежно владееше гнев, нервоза и максимална доза на загриженост, за сите проблеми кои се јавуваа во секојдневието.

Го спуштив чадорот кој го купив неодамна, по не знам кој пат, затоа што повторно го загубив стариот, капките од дождот бесрамно се љубеа и правеа палави движења по неговата површина. Го чекав возот за да стигнам на работа, последното место каде што сакав да бидам тој ден.

Иако не беше тешка работа, не ми беше по душа, но јас како и многу други ја правев за парите.

Често во главата знаев да си кажам, огнот да ве изгори, пари проклети и знаев да се задлабочам во моите мисли додека го чекав бавното отворање на вратата, што би било со секој од нас ако животот е бесплатен?

Седнав на вториот кат, се потпрев на прозорот, зјапав до недоглед, затворен во својата функционална конзерва од мисли. До мене седеше малечко девојче со огромен ранец, најверојатно се враќаше од училиште.

Читаше некоја книга која не и беше по мерак, бидејќи немаше со кого да разговара за темата од книгата, која според мене беше прекомплексна за девојче на нејзина возраст.

Од она што можев да заклучам од изгледот, таа имаше максимум петнаесет години.

„Што ако останеш сам“, беше насловот на книгата, алудирајќи на останување сам после врска, барем тоа го заклучив од сликата. Таа ја затвори и ме погледна како со лутина, најверојатно прашувајќи се зошто зјапам во нејзината книга.

Се обидов да го тргнам погледот, но бев фатен во криминал од љубопитност.

„Што би направил ти ако останеш сам“, изговори таа од ненадеж. Јас се збунив, не знаев што да одговорам. „Кога веќе сте толку љубопитен господине ве прашувам за совет, што кога ќе ви раскинат, што кога оној за кој сте мечтаеле, копнееле, сонувале, сте сакале иднина ќе ве остави на цедило, да кажеме за друг/а?“

Темата беше подепресивна од дождот, првпат ја гледав збунето и не знаев што да објаснам, набрзина ги собрав мислите и склопив неколку реченици, таа тоа го заслужуваше.

„Ти не си оставена, сети се на овие зборови секогаш кога ќе помислиш така. Одвикнувањето од една личност е болно и трае можеби и предолго, но поминува. Запомни дека секој може со секого, како слобода на избор, но исто така и секој може без секого. Тоа што денес те боли, а можам да заклучам си премногу млада за да дозволиш таква болка, ќе ти биде смешно во подалечна иднина, колку и да звучи невозможно.

Стравот од непознатото е секогаш скокотлив, би било убаво да гледаме во иднината и да знаеме кога и каде да скршнеме, кога кој пат да го фатиме, но не можеме. Од проста причина што и не треба да гледаме таму.

Времето е сега и овде, со овие чувства, со овие одлуки и сегашното знаење.

Да нè научат да веруваме во себе и своите одлуки. Да ни дозволат да се потпреме на себеси, за да бидеме силни. Твоето останување сама е лекција, која ќе те научи дека не си оставена, туку ослободена, со приказна од која само ќе го зајакне твоето битие.

На крајот на денот ретки се оние што останале сами или останува сам само оној што сака да остане сам, ако ме разбираш.

Ти со твоите години воопшто не треба да се грижиш. Покажи ги своите бели заби во една насмевка, така ќе имаш можност да го запреш дождот и бурата ќе стивне,“ реков јас намигнувајќи.

Таа слушаше внимателно, извади црн маркер од својот ранец, го пречкрта насловот на корицата и напиша. „Нема ако…“, се заврте и ми рече „Благодарам“ со еден милозвучен тон, стана и си замина.

Цел ден имав бура од емоции, но знаев дека бев во право, нема време за жалење за луѓе кои доброволно го напуштиле твојот живот, зошто времето е сега и тука, ако читаш стари приказни, никогаш нема да ги научиш оние новите кои дошле додека си се занимавал со стари ракописи…

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Седев сама на гинеколошка онкологија во Скопје и ми се плачеше „Тргнав утрово на скопската клиника, а нозете ми се враќаа назад. Не сакав никој...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg