Високо образование – ДА, над 5 години работно искуство – ДА, плата 11.000, па како вака?!
Кога утрински разгледувате понуди за работа на сајтовите за вработување, дури и пет лажички шеќер во кафето или половина тегла Нутела не можат да ви разблажат горчливиот вкус во устата.
И на страна сите оние неработници, кои бараат работа и се молат да не ја најдат, и оние преценети работници, кои без црвен тепих не би се појавиле во одредена компанија, говорам за сите оние нормални образовани луѓе кои бараат работа со реални очекувања за надомест од истата.
Тимски играч, работа под притисок, флексибилност, подготвеност за учење, такви сме, тие сме, високо образование, над пет години искуство во областа, познавање на странски јазици и тоа комплетно задоволено. И ете го совршениот оглас за вас, сѐ додека малку подолу не наидете на студениот туш - ПЛАТА 10.080/11.000/12.000. Упс, да не има некоја грешка или ситуацијата на пазарот навистина е доведена на ова незавидно ниво?
Вие, како полетен барател на работа, за миг останувате без крилја и не можете да им поверувате на очите како здраворазумни раководители на угледни фирми сметаат дека ќе најдат добра работна сила за оваа плата, која половината ќе оди на превоз и хранарина?
И да сте штотуку излезени од ученичките клупи и да немате ниту грам искуство, па пред сѐ ви треба обука, совети и основни практични упатства во ред, но вие сте веќе кадар, кој слободно може да биде фрлен во оган од обврски и притоа одлично да излезе на крај со сето тоа како резултат на долгогодишна макотрпна работа, учење и искуство, тогаш зошто вака? Зарем толку вредите, зарем толку вреди вашиот труд?
Зошто газдите станаа толку лакоми, па сакаат да го исцицаат максимумот од вработениот за минимален надомест? Па, нели мотивиран и задоволен работник беше добар работник? Зарем неговите максимални вложувања нема да придонесат за зголемување на профитот и растење на колачот за сите?
Газдите и вработените како да станаа крвни непријатели, наместо сојузници, како да започнавме да се натпреваруваме кој кого повеќе ќе оштети за што покусо време. Повеќе нема сојузи каде сите работиме за иста цел и заедно се бориме за целосен напредок на компанијата. Револтот оди дотаму што слушам работи од типот ме пријави на половина работно време со средно училиште за да ми плаќа помали придонеси, сега јас ќе ги рассеам низ градот сите негови деловни тајни за да го казнам тој невиден експлоататор.
И кој на крајот има корист од сето ова? Сигурно ниту работодавачот, ниту работникот, двајцата остануваат оштетени и огорчени, а бенефит од ова ривалство може да има само некое трето лице од конкурентна фирма од овој тип на пазарот.
Крајно разочарувачки, деградирачки и нечовечно... Ниво толку ниско што на моменти прави да ви се гади што сте дел од толку нефункционален пазар на трудот. Од каде после да извлечете енергија за со сјај во очите да ги уверите децата дека има подобро утре, кога ова денес во Македонија ги дотолчува и најупорните, најполетните, најамбициозните?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело