Мајки како нашите не се произведуваат веќе, а ние сме блед одраз на нив

Сите кои се движиме некаде од 25-тата до кај 40-тите години верувам дека имаме мајки излиени како од еден калап. Бесконечно силни и истовремено бескрајно нежни. Не се вратот по кој се движи машката глава, нашите мајки се и главата и вратот и срцето и бубрегот. Нашите мајки се сè!

majki-kako-nasite-ne-se-proizveduvaat-vekje-a-nie-sme-bled-odraz-na-niv-001.jpg

Алфа и омега, почеток и крај на секоја наша можна приказна. Нашите мајки се материја од која се создаваат соништата.

Неуморни се, неуништливи, вредни и сочувствителни до некоја граница на кристална наивност. Далеку од глупави, препаметни се нашите мајки, а најчесто страдаат поради сопствената добрина и претераната посветеност. Кон сопругот, домот, децата, внучињата.

Секогаш и секаде за сите други освен за себеси. Такви жени и мајки веќе не се „произведуваат“. Ги нема. Нашите мајки се последната серија, а ние не сме ниту блед одраз на нивната суштина.

Нас сè нешто нè боли. Сè нешто нè мрзи. Секогаш сме недоспани, уморни, раскенкани. Знаеш, ние имаме кариера. На работа одиме, зарем не сте слушнале? И од пустата работа си немаме живот.

И кога доаѓа ред да аргументираме зошто проклето не можеме да се посветиме на ништо друго, ние како навиени секогаш го кажуваме истото: Знаеш, мајка ми беше од 7 до 3 на работа и немаше мобилен на кој ја ѕврцкаат постојано и не проверуваше мејлови во 2 по полноќ.

Добро. Да речеме дека до некаде и „држи вода“. Ама мајка ти, односно мајките наши куќеа куќа. Навистина е тешко да се сфати, ама беа домаќинки. Денес звучи по малку тажно можеби, а некои го дочекуваат и потсмешливо, ама не е. За восхит е.

Мајка ми сама преместуваше мебел. Татко ми понекогаш си доаѓаме од работа збунет при првото влегување да не стапнал во погрешна куќа.

Се варосуваше, се шиеја завеси, се переа теписи, се правеа „генералки“ на домот. Се месеа кифли, се правеа домашни торти, компоти, ајвари и зимници. Ни правеа родендени по дома, ни помагаа со домашните, доаѓаа да нè гледаат на приредби и патронати, се интересираа за нас, нè прашуваа и вистински разговаравме.

И не се жалеа, не кенкаа или барем ние не ги гледавме такви. Секогаш на нозе, насмеани и ведри, уште по гости и со гости постојано, на излегувања и излети, на слави и свадби. И секаде без исклучок достоинствени, дотерани или малку потсредени, барем со карминче. И за тоа имаа енергија. Цел еден исполнет живот за кој ние немаме сила.

Се причувуваа и туѓи дечиња на куп, се бдееше над нас кога бевме болни, беа и мајки и докторки и психолози. И сè уште се, за нашите деца. Повторно истиот круг од почеток, повторно вредни, повторно од утро до мрак, повторно на нозе, и сè дочекано со некоја нова сила, нов елан и насмевки. Женишта.

Мајките наши се женишта. Ние сме уште изгубени, исплашени, разгалени и мрзеливи девојчиња кои сакаме да глумиме куќа и дом. Мајките наши се херои, борбени, издржливи, ментално и физички пресилни за нашата кршливост во секој поглед. Ако сме третина од она што се нашите мајки, може да се гордееме.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg