Работи што посакував некој да ми ги кажеше кога имав 18 години
Се сеќавате на времето кога имавте 18 години? Мислиш дека знаеш сé, а не знаеш скоро ништо. Мислиш дека си подготвен за сериозни обврски и прекрасниот товар наречен живот, а всушност не си сигурен ниту кој факултет сакаш да го избереш за студирање.
Возбудливо, а истовремено конфузно и застрашувачки. Сега постојано си велиш – да го имам овој памет и да се вратам во времето кога имав само 18 години.
Што би му кажал на 18-годишникот од тоа време?
Твојот живот не зависи од судбина, сам си го создаваш
Кога си помлад постојано размислуваш за што точно си создаден и која е твојата цел на постоење. Еве ја вистината – создаден си за она што ќе почнеш да го создаваш. Не постојат многу работи што се надвор од твојата контрола. Сите твои одлуки те носат до она што сакаш да си и она што ќе станеш понатаму.
Постојано ќе се менуваш
Не постои одредена старосна граница која ќе ја достигнеш и конечно ќе кажеш – еве, ова сум јас, и тоа е тоа, нема да се менувам повеќе. Се менуваш секој ден, постојано. Само внимавај да се менуваш кон подобро.
Она што си на 18 години не значи дека ќе бидеш и на 28 или 30 години подоцна. Само една работа е константна во животот – промената.
Внимавај со кого се дружиш и од кого примаш совети
Покажи ми го друштвото со кое се дружиш и ќе ти ја покажам твојата иднина. Ако се неамбициозни, мрзеливи и легачи, многу веројатно е дека и ти ќе станеш таков. Воедно, внимавај од кого примаш совети, затоа што не сите ти мислат добро.
Првенствено, родителите секогаш ти мислат најдобро, но не мора да значи дека и нивните совети се секогаш правилни.
Не мора веднаш да знаеш што сакаш да бидеш
Да знаеш што сакаш од животот уште на 18 години за некои е благослов, а за други проклетство. Не вознемирувај се доколку немаш поим што сакаш од животот и ти треба малку повеќе време да ја пронајдеш и создадеш својата страст и цел.
Купувај искуство, не материјални работи
Не попусто постои нешто што се нарекува „животна школа“. Па секогаш кога ќе имаш прилика „купувај“ нешто од животната школа. Излегувања, дружби и патувања со интересни и необични луѓе.
Концерти, театарски претстави и промоции, кампувања и спортови, авантури кои ќе те однесат во различни правци и ќе ти ги отворат очите. Само тие ќе те направат побогат и поисполнет човек, скапатан пудра и пар фармерки нема да ти направат апсолутно никаква разлика.
Животот е еден и се случува сега, не утре или следната недела
Секој ден е нова можност за нешто неверојатно. Престани да ги одложуваш работите кои сакаш да ги направиш. За диетата не треба да го чекаш следниот понеделник, за вежбањето не мора да го чекаш следното утро. Престани да се храниш со изговори, бидејќи додека ги употребиш сите, животот половина ти поминал.
Не се разочарувај лесно
Сите на 18 години имаме желби и идеи околу тоа како да го обликуваме животот. Она што не го знаеме е дека понекогаш е потребно многу време и напор да ја оствариме целта, па неретко се разочаруваме и откажуваме.
Па не разочарувај се. Разочарувањата се дел од животот. Тие нé поттикнуваат да работиме повеќе и да останеме мотивирани.
Клучот за успех се пријателствата и конекциите, не оценките
Кога си помлад постојано си фокусиран на добрите оценки. Мислиш дека ти се почеток и крај на твојот свет. Една слаба оценка сметаш дека може да ти ја запечати иднината. Но, не е така. Она што е важно е да остваруваш контакти со луѓе кои ќе ти се најдат во иднина. Да создаваш силни пријателски сојузи и моќни конекции.
Тие ќе ти отворат многу врати и ќе создадат многу прилики во кои може да се покажеш и докажеш.
Секој дава сé од себе
Се сеќаваш кога се лутеше и стануваше гневен затоа што некој е непристоен, песимист или не го направил проектот навреме? Ќе среќаваш такви луѓе до крајот на животот и ако планираш да се нервираш за секој од нив, животот ќе ти се вика нервоза.
Некој не сака, а друг не може да даде повеќе од себе. И тоа е сосема во ред. Само повтори си дека тоа е најмногу што можат во секоја смисла на зборот и продолжи понатаму.
Постојано прашувај се ЗОШТО ги правиш сите работи
Прашањето зошто? е магично. Кога и да се одлучиш да направиш нешто, секогаш запрашај се зошто го правиш тоа. Ако одговорот ти се чини задоволувачки или аргументот оправдан тогаш направи го тоа. Во спротивно не преземај чекор. Без брзање, имаш само 18 години, животот е пред тебе.
Стив Џобс рекол дека не можеш да ги поврзеш точките од иднината, можеш да ги споиш само оние од минатото. Па учи од твоите грешки. Не разочарувај се лесно. Смеј се почесто. Најди време за забава.
Ќе имаш подеми и падови и тоа е нормално. Ако веќе решиш да веруваш во нешто, тогаш верувај во себе. Тоа никогаш не излегува од мода.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело