Мали деца на свадба? Не, благодарам

Одамна беше времето кога добивањето покана во која е назначено дека се преферира подарок во плик предизвикуваше негодување и беше скандалозен чин сам по себе.

Mali-deca-na-svadba-ne-blagodaram-01.jpg

Денес е толку нормално и општоприфатено, дури и се подразбира. Заштедува прилично многу време, а да не се лажеме – не е дека може да одбереме совршен подарок за младиот брачен пар. Па нека си купат што сакаат или нека ги потрошат парите онака како што замислиле.

Никогаш не ги сфатив оние кои се инаетат и тргнуваат со мислата – е не им давам пари, за инает ќе им купам подарок! Они мене ќе ме условуваат што да однесам!

Таквите желби биле ко изнудување пари, било смешно, мизерно. Видете, вака или онака вие секако мора да однесете нешто. Зошто би оделе против нечија желба на нивниот најубав ден? Зошто би сакале да не ја испочитувате, кога и самите знаете дека така вам ви е полесно?

Конечно пристигна покана и оваа не вклучуваше желба за подарок во плик. Оваа имаше необична порака на крајот – Ве молиме, без мали деца на свадбената веселба.

На прв поглед ти изгледа неверојатно смешно и бизарно. Си викаш – леле луѓево, какви дивјаци. Удриле забрана за мали деца на свадбата. Па овие дали се нормални?

Но, кога подобро ќе размислиш и ќе почнеш да анализираш што точно се случува со многу мали деца на свадбите, ти станува јасно од каде потекнува нивната желба.

Гласно викање, непрестајно урлање. Трчање наоколу без никаква кочница. Удирање во гости, во маси и келнери. Расфрлање храна и истурање пијалаци. Плачки, некое паднало, твоето дете го удри моето. Ми се мочка, ми се кака. Жешко ми е, сега ми е ладно. Ми се спие, уморна сум, кога ќе си одиме дома? Мамоооо!!!

Кутрата мајка не знае дали дошла на свадба или на панаѓур. Растрчана помеѓу орото и детето, ниту ќе види нешто од свадбата, ниту ќе ужива.

Многу мали дечиња на свадба се понекогаш вистинско мачење за сите. И тоа е вистината, сакале да признаеме или не. А не е дека и ним им е премногу интересно. Трчаат наоколку затоа што содржината на свадбата им е асполутно неинтересна. Немаат друго што да прават освен да се дружат и да ја претворат салата во огромна игротека.

Потполно ги разбирам луѓето кои не преферираат мали деца на нивните свадби. И ја почитувам нивната желба. Но, од друга страна, на мојата имаше неколку, а и покрај хаосот кој го правеа не би можела да ја замислам веселбата без нив. Во деловите кои им беа интересни искрено се радуваа.

Пресмешни беа додека се обидуваа да фатат чекор во орото и додека се вртеа во круг на забавниот дел. Две од нив ги знам од моментот кога се родија и знам со какво задоволство бираа фустанчиња за дотерување. Сигурна сум дека во добар дел од свадбата сакале да бидат во игротека, но јуначки издржаа на мојата, сé додека не клапнаа и не заспаа на масата.

И да, беа гласни, викаа, трчаа и ми го влечеа фустанот, но во тој момент имав само насмевка на лицето. Направија стотици балончиња од сапуница додека влегувавме во салата и инсистираа на селфи-фотки со невестата. Мали, убави златца.

Ваше право како младоженци е да ги поставите правилата на најубавиот ден во животот. Ваша должност како гостин е истите да ги почитувате, без разлика какво е вашето мислење на темата. Ако не ви одговара нешто, реално никој не ве тера да одите сосила.

Кој е вашиот став – свадби со или без мали дечиња?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg