Вечни доцначи - има ли нешто полошо од луѓе неспособни за самоорганизација?
Дали и вас ви е преку глава од другарки кои секогаш имаат проблем да ги направат совршените локни за да излезат навреме, од момче кое морало да го изгледа крајот на фудбалскиот натпревар за да тргне, од колешка која секогаш има проблем со автобуската линија за да стигне на работа, од луѓе кои се неспособни да менаџираат со сопственото време и барем еднаш во животот да пристигнат во точно договорениот тајминг?
Токму така, неспособни! Дури и светот да пропаѓа тие заглавени во својата неталентираност за саморганизација ќе задоцнат за да се спасат.
И не, не се тие оние на пиедесталот, кои секогаш некој ги чека... Тие се оние кои во развиените европски земји како Швајцарија и Германија ќе добијат отказ на првиот работен ден, оние кои ќе завршат со осиромашен круг на пријатели и најверојатно во врска ќе успеат да останат само со некој бесцелник, кој нема попаметна работа во животот освен да ги чека до бескрај. Па, нема поголема навреда од непочитување на туѓото време. Некој наместо да го учи онлајн курсот за Фотошоп, да чита книга или да ги заврши домашните работни обврски, таму некаде седи потпрен на ѕидот и гледа во стрелките од часовникот и губи драгоцено време чекајќи некого.
Токму деновиве читав интервју за едно момче Јакуб од Полска, кое поради работните обврски дошло да живее во Македонија. Од неговата уста се роеја безброј пофални зборови за нашата држава, храна, луѓе, но само едно нешто го мачеше во нашиот начин на живот.
Мене единствено нешто што и денес ми е тешко да го прифатам е тоа што овде луѓето прават сѐ во 5 до 12. Кај нас во Полска точноста е многу важна. Ние правиме план како ќе се одвива еден цел ден. Додека тука сѐ се прави спонтано. Јас сум навикнат секогаш секаде да стигнувам навреме. Иако не е тоа нешто многу, сепак сметам дека ако се почитува нечие време, работите ќе се одвиваат порелаксирано, без тензии и брзање, изјави тој.
И не дека е потребно да се прават 10 годишни планови и предвидувања што носи иднината, но да стигнете навреме на закажаното кафе со пријателката, на состанокот со момчето или на работното место и не е некоја животна филозофија. Секој од нас се познава себеси, своите навики, способност за мултитаскинг, па не е проблем да предвиди дали во 21 часот ќе успее да пристигне на договореното место. И не зборуваме за ситуации кога нешто гори, зборуваме за оние другите кога едноставно сте премногу мрзеливи за да станете од креветот навреме, да излезете од дома навреме и да пречкртате се од листата на вашите бледи однапред смислени изговори за доцнењето.
Сигурно сте доволно самосвесни за да знаете дека нема да имате топла вода ако не го вклучите бојлерот, потешко ќе пронајдете такси ако врне дожд или ќе се успиете ако не го наместите алармот. На 13 години овие изговори некој можеби ќе ви ги земе предвид и ќе ви прости, но со деценија, две, па и повеќе на вашиот број на години изгледате смешно и несериозно.
Наместо тивко во себе да си повторуваме дека всушност токму ние сме оние вредните за чекање, да се обидеме да се ставиме во кожата на другиот и тоа не затоа што порано или подоцна ние ќе бидеме оние потпрените на ѕидот и некогаш, некаде ќе чекаме некого, иако и тоа е вистина, туку затоа што сме возрасни луѓе кај кои карактерот ја гради големата слика, а способноста за организација на своето време е една навистина важна алка во тоа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело