Култни женски ликови од мексиканските теленовели во кои бевме смртно вљубени
90’-тите, безгрижни времиња исполнети со мексикански теленовели на нашите телевизии. 20 часот, се „цртаме“ пред тв екраните и уживаме во авантурите на Росалинда, Есмералда и Касандра.
Барем ги научивме основните поздрави на шпански: Hola como estas? Muy bien, y tu?
Целата таа драма, напнатост и незивесност целосно нé обзема. Се поистоветуваме со ликовите, ги сакаме и ги мразиме, а нашите бабички задолжително ги гледаат и премиерата и репризата на епизодата. Во првата го читаат првиот ред од преводот, во репризата – вториот.
Среќни времиња, а нашите хероини од култните теленовели ги носеа следниве имиња:
Kassandra - Касандра
Касандра. Ах, драга Касандра, ти што никогаш нема да бидеш запаметена по вистинското име (Кораима Торес), со тебе започна љубовта кон сапуниците. Кога би знаела колку мизерни чоколатца во облик на срце изедовме само затоа што имаше илустрација од тебе на малата цилиндрична кутија со слатки. Мојата другарка доби дури и велосипед на наградната игра која го носеше твоето име како паметен маркетиншки трик.
Колку плачење се удри за шарениот стегач со светки за на глава како твојот или фактот што не можевме да стигнеме на стадионот во Скопје за да се поздравиме со тебе и Ранду.
Весниците го зголемија својот тираж поради откривањето што ќе се случи во наредната епизода од сагата Касандра. Се гледаа репризи и сите 5 епизоди одеднаш и скратени верзии од сите 150 епизоди на видеокасети. Добри времиња Касандра, ти благодариме на среќата што ни ја пружи и покрај несреќата која тебе ти ја пружија Росаура и Ерминија.
La usurpadora – Злобница
Габриела Спаниќ сериозно нема конкуренција кога станува збор за убавина и култен женски лик во шпанска теленовела. Апсолутно сите те сакавме тебе и очајно ја презиравме твојата злобна сестра-близначка, иако ти ги толкуваше и двата лика.
Црвената боја стана особено популарна таа година како и твојата едноставна фризура. Твојот латино избраник го фрли во сенка, апсолутно сите погледи беа насочени кон тебе.
Rubí – Руби
Огнената црвенокоса Руби! Фам фатал. Руби е оригиналната спонзорџика. Сите после неа се обична бледа копија. Девојка со амбиција и опасна убавина која ќе плете пајакова мрежа околу неа, ловејќи ги луѓето како жртви.
Кутрите Хектор и Алехандро кои се испотепаа помеѓу себе во обид да го освојат срцето на Руби. Кој може да го заборави крајот на серијата? Руби, изобличена и осакатена, ментор на својата внука со пеколен план повторно да му го загорчи животот на Алехандро.
Но, не е сé така црно, да не беше амбицијата на Барбара Мори многу веројатно е дека ни Алехандро немаше да стане толку познат доктор.
Rosalinda – Росалинда
Талиа – совршен глас, стас, коса и талент за аранжирање цвеќиња. Не е ни чудо што Фернандо Хосе Алтамирано де Кастиљо се вљуби во неа. И што таа го запомни толку брзо неговото име и презиме.
Воведната песна беше весела и заразна мелодија, а Талиа ја отпеа и неа покрај тоа што глумеше во серијата. Нормално дека семејството на Фернандо беше против врската со сиромашната цвеќарка и нормално дека љубовта победи после стотина епизоди. Нормално.
Muñeca brava - Дивиот ангел
Насловот на серијата беше сосема оправдан. Милагрос – „Мили“ или уште позната по нејзиното алтер его Чолито обожаваше да ги прави сите оние работи недостојни за една млада дама. Таа беше бучна, прилично гласна, сакаше да игра фудбал и нормално, се вљуби во богатиот наследник Иво.
Која девојка не сакаше да биде весела, безгрижна и енергична како Наталија Ореиро?
Esmeralda – Есмералда
Слепата девојка со продорно зелени очи која ќе прогледа ги освои срцата и на најтврдокорните. Кутра и сиромашна (нормално) дека се вљуби во богатиот Фернандо Колунга, со типичен заплет достоен за етикетата шпанска теленовела.
Лора Запата има глумено уште во неколку серии кои за жал не успеавме да ги видиме на нашите простори.
Lazos de amor – Љубовни врски
Која си ти – Марија Пола, Марија Фернанда или Марија Гвадалупе? Ултраталентирана Лусеро ги глумеше сите три ликови кои всушност беа сестри-близначки.
Немаше кој не го имитираше злобното поминување со прстот над веѓата како Марија Пола или не сакаше да ја собере косата беспрекорно како неа.
Крајот нé остави сите во недоумици - која сестра всушност умре, а кој остана жива. Веројатно прашањето ќе нé прогонува до крајот на животот.
(О)Милена | Црнобело