Трагедијата на македонското опремување на домот – мебел кој доцни со недели без извинување
Една од покошмарните работи кое може да ви се случат во Македонија, покрај чекањето ред во банка или сликање за лична карта или пасош, е секако купувањето мебел и санитарии за домот.
Сите салони за мебел и сите продавници од ваков тип рекламираат врвна услуга, точна и навремена испорака. Ако казнуваа за лажење, сопствениците на овие компании досега немаше да може да се разминат од огромните Пинокио носиња.
Еве ја последната трагична случка: Се подготвуваме да купуваме нова туш кабина. Бараме податоци, истражуваме, анализираме. Наоѓаме фирма и по телефон првично се распрашуваме за мат стакло.
- Ма, има, нема што нема, ме убедува човекот.
Добро е, има. Одиме да ја видиме во живо. Таа што е изложена е со проѕирно стакло. Повторно прашувам – ама ние сакаме со мат, рековте има, така?
- Да, да, како нема.
Трето одење до салонот, што патем е малтене на другиот крај од градот каде што живееме. Ја плаќаме во готово, до последното денарче. Инаку немало да има испорака.
Три пати нагласувам додека се прави нарачката дека стаклото мора да е мат. Во ред, броиме пари, вршиме уплата, си одиме дома среќни. Ќе ја чекаме кабината.
Се јавуваат утредента.
- Извинете, нема мат стакло. Кога нарачка? Па не знам бе дечки, не сме во план да правиме нарачка. Дојдете слободно, земете си ги парите...
Нееее, зошто би доаѓале по парите ве молам? Ќе ви ги оставиме подарок, за врвната услуга и професионалноста. Во гужвата веднаш после работа, во невидена брканица со времето да стигнеме пред да затворат, затоа што не станува збор да нé почекаат некоја минутка, се враќаме во салонот. Таму нема извинување за малтретирањето, нема грам љубезност, ниту загриженост што така се однесувале со клиентите.
Затоа што тоа е најнормално. Најнормално е да се однесуваш ноншалантно и да се грижиш за клиентите и купувачите. После друг е виновен затоа што ти пропаѓа бизнисот.
Мислам дека нервите се ставени особено на тест кога го опремувате или реновирате домот. Не паметам едно парче мебел по дома за кое не сме имале нервози.
Парадоксално е што сите инсистираат за целосна уплата за да има испорака. И никој, апсолутно никој не го почитува дадениот збор или договорот.
Креветот ќе ви стигне за 15-20 дена. Креветот стигнува по неверојатни 48 денови, затоа што почнал Саемот за мебел и биле зафатени. Патем, душекот доаѓа со дупка и шоферот што го испорачува ве убедува дека не е ништо страшно и да си го земете, за што се мачел да го носи до тука?
Погрешна испорака на аголен дел за гарнитура. Наместо лев, испорачале десен аголен дел.
Еј, вас лев ви требаше? Тууу.... нема. Ќе почекате едно 25 дена за нарачка.
Клуб масичка. Нарачуваш црна, стигнува кафеава маса. Ама знам дека рековте кафеава, убаво се сеќавам.
- Не господине, еве пишува на фискалната.
Те стрелаат со поглед како да бараш преку леб погача, како ти да си виновникот. Себичен, алчен еден неблагодарник, маса си е маса, земи си ја!
Списокот е бесконечен на вакви трагични ситуации. Прво не добивате соодветни информации. Или вработените не располагаат со истите и немаат поим што производи продаваат или безмилосно ве лажат.
Зашто е исклучително забавно да дознаеш дека тркалцата се кинески, а не италијански, на пример. И дека нема резервни делови за истите.
Второ, поголемиот дел инсистираат на целосна уплата. За целосна уплата во останатите нормални земји не ве оставаат да чекате 48 дена за испорака на производ. Точно е нагласено кога стигнува и кои се условите на испораката.
До вратата на домот, не до влезната врата, а вие живеете на 10-тиот кат и сте самохран родител без никаква помош и идеја како ќе качите машина за перење сам/а.
А кога веќе се случуваат такви огромни пропусти, нормалниот свет нуди нешто што се вика - огромен попуст за грешката која ја направиле. Извинување за вашето изгубено време. Љубезност и самокритичност. Ветување дека вакви пропусти нема да се случат повторно и ќе учат од грешките.
Каде е таа заштита на потрошувачи? Каде да се обратите кога новото столче се крши само за една недела, а масата која ја испорачале после пет недели доцнење е веќе со гребнатинка?
Никогаш нема да напредувате како трговци од оваа точка во која сте заглавени, со ваков однос и ваков став. Имате среќа што луѓето уште ви купуваат, затоа што немаат друг избор.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело