Купи ги чевлите, испиј ја третата чашка вино, дојади го чоколадото - Немаш живот резерва

Те гледам малечка во ова мрзеливо топло мајско попладне стисната до твоето помало братче. Се гушкате, се смешкате додека нешто му покажуваш на таблетот. Ништо друго не ти го окупира вниманието освен играта со брат ти.

Ne-bidi-konzerva-nemas-zivot-rezerva-01.jpg

Моето срце се топи од среќа додека ве гледам двајцата гушнати. Ти во моментот не размислуваш за ништо друго, освен за играта. Не мислиш на момчиња, не мислиш на дебелината на твоите нозе или дали си кажала нешто погрешно денеска.

Посакувам да ги замрзнам ваквите моменти за да потраат подолго. Посакувам да можам да го сопрам времето за да останете моите две мали невини, нежни, бушави играчки барем уште неколку години.

Но, тоа нема да се случи. Нема вечно да имаш 10 годинки. Наскоро ќе започне целата неизбежна драма – симпатии, момчиња, споредбите со други девојчиња, моментот кога велиш дека те срамам пред другарките, притисокот на училиште. Сé она што пубертетот си го носи со себе.

Сакам да ти кажам толку многу работи. Сакам да те подготвам за турбуленциите коишто следуваат најдобро што можам, иако сум свесна дека нема секогаш да успеам да те заштитам. Многу веројатно е дека ќе дојдеш дома нерасположена и тажна, бесна и лута. Некое момче ќе ти ги расплака крупните очи, а друго пак ќе ти го скрши срцето и ќе сфатиш дека нема лек за љубовната болка.

Има толку многу работи што сакам да ти ги кажам и ќе ги споделам со тебе кога ќе дојде време за тоа. Она што сакам да го знаеш е дека е во ред да ги откачуваш луѓето.

Кажи го со твоите очи. Кажи го преку твите постапки. Кажи си го во себе, или кажи го гласно. Кажи го додека се оддалечуваш од некого. Кажи го онака како што сакаш – но биди сигурна дека си го кажала.

Кога треба јасно да им дадеш до знаење на луѓето дека претерале? Кога не те почитуваат. Кога те осудуваат без потреба. Кога не те третираат онака како што заслужуваш. Кога некој ќе ги стави неговите раце врз тебе, а ти се чувствуваш непријатно. КАЖИ ДЕКА ТИ ПРЕЧИ. ГЛАСНО.

Кога некоја личност те посакува, не значи дека истовремено те цени. Не оди во кревет со момче за кое знаеш дека нема да ти свари кафе или да ти подготви појадок утредента. Не заспивај до некој кој сака што побрзо да исчезнеш следното утро. Освен ако си во ред со тој однос, но секогаш биди сигурна и на чисто со себеси.

Купи ги чевлите, испиј го кафето, третата чашка вино, изеди ја втората половина од чоколадата. Оди на масажа, употреби ги добрите чинии, запали ги свеќите дури и да си сама дома. Нема потреба да се лишиш од задоволства или да ги чуваш добрите работи за некој друг.

Грижи се за своето здравје и обиди се да не одиш од една во друга крајна граница. Премалку јадење или премногу јадење, премногу вежбање или воопшто немрднување со задникот.

Јади вистинска храна која ќе те натера да се чувствуваш живо и ќе ти даде енергија за сите убави работи кои сакаш да ги направиш. Крофните не се тој тип на храна. Но, понекогаш нема ништо страшно во тоа да каснеш една. Таа нема да направи драстична разлика во твојата тежина.

Впрочем, големината на твоите колкови или кој било друг дел од твоето тело воопшто не е важна. Она што е важно е како се чувствуваме и како влијаеме врз чувствата на другите луѓе. Запамети го тоа мила.

Не прави работи насила. Со сила нема убавина. Тој фустан нема да ти стои убаво колку и да ти се допаѓа, тоа момче нема да те усреќи колку и да си слепо вљубена во моментот. Не те бидува за одбојка. Помири се, пушти ги работите.

Кога ти се плаче - расплачи се. Кога сакаш да викаш - урлај. Кога ти доаѓа да се насмееш - зарази ги сите со својата ѕвонлива насмевка. Не биди конзерва - немаш живот резерва.

Одлучувај со полно срце. Било да се работи за изборот на факултетот кој ќе го студираш, работата која ќе ја работиш, човекот за кој планираш да се омажиш, домот кој сакаш да го купиш. Доколку постои и најмал сомнеж, дури и најмала дамка која ја затемнува светлината на твојата одлука, не прави го тоа.

Ти си прекрасна драга. Да, навистина си. Отсекогаш си била. Јас сум ти мајка и нормално е дека верувам во тоа, но сакам и ти вистински да веруваш во себе.

Не споредувај се со другите. Ова е навистина многу тешко. Проблемот е во тоа што кога се споредуваме со други, вообичаено ги споредуваме нашите најлоши моменти, нашите слабости со нивната сила.

Само затоа што поседуваш различен тип на сила од останатите, тоа не те прави послаба.

Биди нежна и добра кон себеси. Многу лесно е да поверуваш во лошите работи кои ќе ги зборуваат позади твојот грб. Многу потешко ќе им веруваш на убавите зборови и често нема да умееш да се снајдеш кога ќе ти упатат комплимент. Не биди од тие луѓе.

Заблагодари се без страв, без црвенило на образите, без цинична насмевка. Кажи благодарам, но не залетувај се во облаци. Остани понизна и приземјена.

Не се прекорувај за секоја грешка. Тие се најдобриот начин да научиш нешто ново. Ти си мојот мал супер херој и звучи неверојатно, но уште отсега знам во каква личност ќе пораснеш.

Некоја со која ќе се гордеам. Мојата малечка поради која ми трепери срцето и ми солзат очите. Што и да правиш, прави го со љубов, уживај и биди среќна. Бидејќи кога ти си среќна, точно знам зошто живеам.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg