Ги слушав сите, освен себе...
Дали се слушате себеси? Ова не е во насока тврдоглаво да терате инает на она што и од авион се гледа дека е правилно, праведно и рационално, туку на внатрешните гласови кои ги потиснувате и ги замолчувате.
Штотуку ви светна сијаличката дека она во кое бевте добри кога бевте помлади, денес е кул и исплатливо. Го прекинавте бидејќи од „тоа не се живее“. Мораше да се заврши факултетот, кој ве донесе на ова работно место, заради кое сте под стрес.
Ве донесе во оваа состојба, која не ја посакувавте. Живеете и работите за нечиј туѓ сон. Но, во вас има глас кој силно вика дека не „ви е гајле“ за јавната администрација, кога сè за кое што сонувате е сопствена изложба.
Во вас вреска глас кој вели дека рачно везените врвки за патики е топ бизнис идеја. Но не, глупава ми е идејата - се јавува гласот на „реалноста“.
„Кој би го купил тоа? Што ми е со будалењево, седи мирно, види колку фина работа имаш по струка“. Да, струка што ја одбраа од дома и те натераа да поверуваш дека креирањето патики не е профитабилно тука - си има големи компании за тоа.
Кога последен пат сте се послушале себеси? Кога последен пат сте се сфатиле сериозно? Ви се темни кога одите на работа, бидејќи паметот ви е во сосема други нешта. Добивте идеја која ви беше мотив на денот, направи да се почувствувате живи, ама ја угушивте за да не слушнат другите колку е глупава. А не е!
Сведоци сте на тоа како другите ентузијастички влетуваат и најгласно извикуваат „Еееј сите, слушнете ја мојата идеја!“, додека вие си седите во столчето, слушате од туѓа уста како кажува нешто што ви текнало пред 2 години и исто сте го сметале за глупаво и сте го избркале од глава.
Сега имате и надоградба на сопствената идеја, на тоа за кое што се зборува, бидејќи го сонувавте со недели тогаш, но си седите во столчето и промрморувате „можно е да имам нешто плус како мислење за да помогнам со ова. Не? Ок, добро“.
И после ова, налетувате на реализирана и успешна бизнис приказна со вашата идеја од пред 5 години, која исто така ја „избркавте од глава“ за да не пречи на патот кон столчето во јавната администрација.
Ако секогаш кога размислувате за себе, имате мисли како: „Што правам? Зошто сега да одам на таа работилница за креативност, глупаво е и онака ништо нема да излезе од тоа. На никој нема да му се допаѓа тоа што јас го правам. Што е со текстов? Зошто го напишав, никој нема да го чита...?“, често се фаќате себеси како сонувате, а ништо не правите, како почнувате нешто, но го оставате, затоа што не е доволно добро, тогаш треба сериозно да си поразговарате сами со себе.
Најлошиот дел доаѓа после поминати 10 години, кога ќе си ја видите идејата како некој друг ја ужива, се фотка на Бали со парите од бизнисот, а вие сте ја почнале и оставиле, мислејќи дека таму нема ништо, а имало многу. И тогаш ќе се доживеете како „лузер“ затоа што не сте се послушале себеси.
Што се случува кога не се слушате себеси?
- Се саботирате сами. Замислете друг да ви го прави тоа, колку би биле гневни. Епа станете такви и за себе и отстранете си се од патот како пречка.
- Егзекутирате новородени идеи. Секоја егзекуција е трагедија.
- Носите погрешни заклучоци. Не успеало од прва, тогаш е тотална грешка. Не е грешка, туку вие не му дадовте шанса.
- Депримирани сте. Разочарани, ништо не ве радува. Затоа што тоа што може да ве израдува, го замолчувате уште додека е во вас. А, замислете што би било кога би се остварило.
- Завидувате на луѓето. А знаете дека може и сами да создавате.
Сфатете се сериозно!
Не се угнетувајте.
Сфатете се сериозно!
Не мислете за своите идеи дека се безвредни, бидејќи не се.
Сфатете се сериозно!
Не мислете за себе дека сте безвредни, бидејќи можно е да сте само на погрешно место.
Л. Т. | Црнобело