Можеш ли да ми кажеш што се случи со Зоки Поки и Лидија?

Ретко си одам дома, во родниот град, најчесто поради многуте обврски на факултет, но секогаш кога ќе си отидам поминувам доста време со фамилијата. Најмногу со моите братучеди кои се помали од мене, бидејќи мајка ми се омажила многу млада, кога нивните родители уште биле деца.

batko-ti-si-pogolem-mozes-da-mi-kazes-sto-se-sluci-so-Zoki-i-Lidija-01_copy.jpg

Нема да кријам, ги сакам неизмерно, а и тие мене, ги подучувам за животот и за работите кои немаше кој да ме подучи мене.

Дента пиев пиво од лименка, разгледував некои интернет страни поврзани со технологија, беше апсолутна тишина бидејќи мојот братучед ја читаше својата прва книга. Иако не одеше на училиште го подучував да чита, а после неколку месеци вежбање се договоривме да прочита цела книга. Ја одбра „Зоки Поки” бидејќи му звучеше интересно.

Откако ја дочита последната страница, со големи напори, ја затвори и воздивна, мислиш целата тежина на светот му се тргнала од рамениците. Тивко се прикраде од зад грб и седна на трпезариската маса, гледајќи во бесконечноста.

„Што се случи, не ти се допадна книгата?” го прашав со подбив.

„Не батко многу ми се допадна, ама се мислам, многу се мислам”, ми одговори со загриженост во гласот.

„Ако те загрижи дека броењето е тешко, ќе купиме од најубавите бонбони и ќе научиш да броиш, ти си попаметен од Зоки, а богами и помирен, немој да му ја мислиш”, одговорив со смирен тон.

„Не тоа, ти рече книгата е напишана одамна, сигурно сега Зоки е голем, можеби поголем и од тебе, а и Лидија, мене ме интересира дали и го подари целиот свет, дали тие се сега заедно, заљубени ли се како мама и тато, имаат ли дечиња?”

Останав неколку минути фрапиран од малата, умна, детска глава. Си помислив како може мозокот да му работи со таа брзина, од каде прашањата за љубовта, па тој има само пет години.

„Слушај ме сега внимателно, ама не раскажувај на никој бидејќи е тајна. Знаеш дека јас живеам во главниот град, имам професор на факултет, неговото име е Зоки, а неговата жена е Лидија, никој ама никој не знае дека приказната е напишана за нив, тие имаат две деца Марко и Ема. Што значи дека тој и го подарил цел свет и сите тие шарени бомбони. Нивното пријателство прераснало во голема љубов. Но, ова е тајна меѓу мене и тебе, вети ми дека нема да кажеш никому”, му возвратив, а бев повозбуден од него бидејќи сам си поверував во сопствената лага.

„Значи тоа било, да го подариш цел свет.... Ти батко имаш десет денари?”, ме праша одненадеж.

„Од каде сега десет денари, што ти текна?”, го запрашав јас зачудено, додека вадев пари од новчаникот.

„За да купам шарени бомбони за Марија, девојката со плетенка од вториот спрат. А, ако тоа не и се допадне ќе смислам како ќе и го подарм светот, ќе дознаеш ти од тој професорот Зоки, ќе мора да и го земеме некако на Лидија.”

Ги грабна парите и отиде да купи шарени бомбони од продавницата, оние од десет денари, неговите омилени. Мене ме остави со насмевка, заборавив на пивото, на технологијата, заборавив на светот.

Во главата ми се вртеа неговите искрени зборови, неговата прва љубов и убавината во неа, Зоки, Лидија, мојата измислена приказна и неговата Марија, девојчето со плетенка. Зарем беше можно едно такво искрено чувство на малиот да може да ми ја огрее душата и да ме натера да се чувствувам како денот кога јас прв пат се заљубив.

Ах, љубовта, ах....

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Седев сама на гинеколошка онкологија во Скопје и ми се плачеше „Тргнав утрово на скопската клиника, а нозете ми се враќаа назад. Не сакав никој...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg