Шармот на малите гратчиња во Македонија - ги знаеш сите, од мајсторот и лекарот, до попот и гробарот
Сме прочитале безбројни статии посветени на Скопје. Липите на Партизанска, романтиката на Ленинова, фурната во Чаир. Сé тоа е прекрасно, но време е да им отстапиме малку место и на помалите гратчиња во Македонија. Бидејќи и тие си имаат своја убавина и некоја магичност во леснотијата на постоењето.
Да не се лажеме, нема ништо лесно во постоењето на помалите македонски гратчиња. Тие се маргинализирани, изолирани, наликуваат на тринаесеттото прасенце кое мајката го бутка настрана. Некои велат дека се пусти и живнуваат само за време на викендите. Страдаат поради недостаток на основните услови за живот, што е тажно и жално истовремено.
Намерно ги набројавме негативните карактеристики на почетокот, за да продолжиме со сé она што е позитивно за животот во помалите гратчиња.
За почеток, воздухот е почист. Тоа навистина не е факт за занемарување. Во моментот кога ви се расипува нешто по дома, вие точно знаете кого да повикате за поправка, без страв дека ќе ви го олесни паричникот за огромна сума пари или дека мајсторот ќе ве прелаже.
Таксито е поевтино, а за кафињата да не правиме муабет. Не чекате часови и не се строите во долги редици за сликање за пасош или лична карта. Брзо си завршувате работа скоро секаде. Аптеката затворила, нема проблем, ќе му заѕвонам на сопственикот да се симне и да ми отвори за да го купам она што ми е потребно.
Сé уште постои феноменот на незаклучување надворешна врата и спонтаното кафе со сосетката. Спонтано се собира и помошта за правење зимници или за време на слави и имендени.
Секој го знае твоето име, а многу веројатно е дека и ти ги знаеш сите, вклучувајќи им ги и роднините до трето колено. Па тука паѓаш во депресии – мало место, сите се знаеме, многу се озборува.
Без гајле, секаде се озборува. И сосетката во Скопје, и таа во Белград или Софија озборува, ако таков ѝ е наравот.
Матичниот доктор те знае од пелени, професорката по историја од средно му предава на твоето дете денес. Немаш проблем да пронајдеш никого, од мајсторот до лекарот, попот или гробарот.
Животот е бавен и мирен. А луѓето, тие и покрај сета неправда и тага ја задржале својата насмевка и се срдечни, гостопримпливи и дарежливи.
Гордо си ги говорат своите дијалекти и ако ги прашате сите нив, никогаш не би отишле на друго место или во друг град, доколку имаат работа и убав живот дома.
И покрај суровоста на животот и неправдите, луѓето не се откажуваат од помалите гратчиња во Македонија. За мене тие се вистински херои на денешницата.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(O)Милена | Црнобело