Писмото на Викторија Бекам до 18-годишната девојка во себе

pismoto-na-viktorija-bekam-do-18-godinata-devojka-vo-sebe-1.jpg

Драга Викторија,

Знам дека се бориш моментално. Не си најубавата или најслабата девојка, ниту пак танцуваш најубаво. Никогаш не си се вклопувала, иако школските денови ги поминуваш со добри девојки. Имаш акни. Мислиш дека одговорните те ставија во последните редови на завршното танцувачко шоу затоа што си предебела за да си во прв ред.

Има црвен телефон надвор од училиштето и штотуку им заѕвони на родителите, плачејќи: „Не можам да го направам ова, ми недостасува домот, не сум доволно добра.“ И мајка ти ти кажа да се вратиш дома. „Ќе одиме во шопинг центарот и ќе купиме нов пар чевли,“ вели. Утешително.

Но, тогаш тато го доби телефонот. „Седи таму, докажи им на сите дека грешат.“

Ако ја послушаше мама ќе одеше во шопинг центарот. (Чевлите се важни, но не сега.) Ќе беше лесно решение.  И токму сега ти пишувам за да те охрабрам и да ти кажам, 18-годишно девојче, биди силно.

Не го заборави денот кога сите те исмеваа? Се сеќаваш на првиот училишен ден во средно? Повеќето деца носеа капути и нови кул чанти, но не и ти. Застаната во училишната униформа, стоеше на игралиштето премрзната, додека другите деца поминуваа до тебе и фрлаа марамчиња и стари лименки. Дебелата кожа која тогаш ја разви, ќе ти остане до крајот на животот.

Твојот тен ќе се изедначи (всушност, за неколку години ќе имаш своја козметичка линија), и кога осумдесеттите ќе завршат, твојата лоша фризура ќе се среди, исто како и твојата тежина. На училиште јадеш нудли и кутија замрзнато овошје затоа што пишува дека немаат маснотии, и ќе искусиш многу други тажни диети, вклучително зависноста од зелени сокови.

Но, наместо тоа цени ги своите несовршености, тоа е тоа што имам да ти кажам. Дозволи ѝ на кожата да дише, не носи шминка. Секогаш ќе бидеш зависна од лак за коса, но намали со количината. И веројатно би требало да ти потенцирам, не си играј со градите. Толку многу години негирав, глупости. Знак на несигурност. Само слави го она што го имаш.

Одговори на поканата за реклама во која се бара нова девојка за во женски бенд. Застани во ред и направи ја аудицијата која ќе ти го промени животот. Обожаваш мјузикли, па ќе ја изведеш „Mein Herr“ од Кабаре, додека сите останати ја пеат Мадона. Не си слушнала за мејл или смартфон. Ниту пак си ја усовршила позата за идеално селфи на Инстаграм. Но, еден ден бројката на онлајн публика ќе се покачи и бројката на пребарани резултати на Google ќе биде 47,800,000.

Судиите на аудицијата ќе те поврзат со уште 4 девојки, сите уникатни на свој начин. Заедно ќе сфатите дека е сосема во ред да изгледате различно. И како Spice Girls ќе продадете 75 милиони копии од албумот. Не можеш ни да си ја замислиш иднината сега. Ќе патуваш во приватни авиони, ќе посетиш неверојатни земји, ќе престојуваш во фантастични хотели. (и на почетокот ќе крадеш мини хотелски шампони, гелови и регенератори, но набрзо ќе сфатиш дека може да истечат.) Ќе влегуваш во канцеларии, ќе склучуваш договори и ќе скокаш на масата во хотелот од радост (сепак, претходно ќе провериш дали масата е стабилна). Ќе ги запознаеш Нелсон Мандела, Мараја Кери и Елтон Џон.

Но, те молам, чувај и пишувај дневник. Ќе има толку многу важни моменти кои ќе ги заборавиш.

pismoto-na-viktorija-bekam-do-18-godinata-devojka-vo-sebe-2.jpg

Исто така ќе има лоши денови. Ќе бидеш толку зафатена што секој ден ќе бидеш во различна земја. И бидејќи си млада и луда, ќе се жалиш додека лежиш во хотелската соба, дека си изморена. Оди и прошетај ја земјата во која си. Оди во галерии, музеи. Вкуси ја културата. Среќна си што си таму. Ако не им се приклучеше на Spice Girls, секогаш ќе останеше таа несигурна личност завиткана во својата школка. Имај го на ум и ова - биди нежна, биди учтива, земај ги предвид туѓите емоции, бидејќи многу често не се цениме едни со други. Вежбај го она што го проповедаш кога пееш „пријателствата никогаш не завршуваат“ и слави ја туѓата уникатност.

Ќе имаш толку многу забавни моменти поврзани со облеката - пвц комбинезони, чокерс огрлици со апсурдни пораки, чудна руса коса. Никогаш нема да ти текне дека изгледаш смешно. На важните награди ќе се појавиш како трансвестит. Но, само погледни наназад и насмевни се. Животот ќе биде поинтересен ако одиш од една крајност во друга. Го сакам фактот што си доволно слободна за да се искажеш себеси. Ќе научиш, како што ќе старееш, дека високите платформи треба да се заменат со патики, мини фустаните ќе се заменат со бели кошули. И никогаш нема да бидеш од оние луѓе кои обожаваат да стануваат од креветот. Носи очила често. Дури и ако си внатре. Посебно на аеродроми. Тие го претвораат обичниот аутфит во кул издание. Многу ќе ти се допаѓаат Авијаторките. (До толку што еден ден ќе направиш сопствена линија!)

На тема момчиња и вечна љубов: учи повеќе за фудбалот, посебно што значи офсајд. И да, љубовта на прв поглед постои. Ќе ти се случи во собата на играчите на Манчестер Јунајтед, иако ќе бидеш малку пијана и деталите ќе бидат матни.

Додека другите играчи стојат со пријателите и пијат на шанкот, ќе го видиш Дејвид како стои до своето семејство. (Тој дури и не е во прв состав и во овој период - ти си славната.) Има толку симпатична насмевка. Ти, исто така, си блиска со семејството и ќе си помислиш колку сте слични. Тој ќе ти го побара бројот. (Сè уште го чува авионскиот билет од Лондон до Манчестер на кој му го запишав.) Се плашам дека повеќето од твоите први состаноци ќе бидат на паркинзи, што не е забавно како што изгледа. Бидејќи твојот менаџер ќе те предупреди „Не дозволувај никој да ве види заедно или ќе бидете прогонувани.“ Со тек на време, ќе сфатиш што сакал да каже.

Ќе бидеш многу, многу позната, и заради бендот во кој си и заради мажот со кој ќе се омажиш, за потоа да создадеш бизнис од твоето име. Ќе се навикнеш на славата. Иако доаѓа со цена  да ја изгубиш приватноста, ќе научиш да ја свртиш во твоја корист. За добри работи. За хуманитарни цели. Еден ден ќе имаш привилегија да бидеш дел од важни кампањи. И луѓето ќе слушаат. Ќе се случуваат промени. Но, не дека нема да ти биде грижа за она што ќе го гледаш по весниците. Ќе те боли кога луѓето ќе ја коментираат твојата тежина. Ќе продолжи да те вознемирува, без оглед на тоа колку години имаш, бидејќи жените се груби кон самите себе.

Папараците ќе станат дел од твојот живот, многу апарати ќе те чекаат. Некои се фини, некои не. Ќе ги расплакаат твоите деца или ќе ти дадат комплимент - но нема да бидеш во состојба да ги контролираш сите објави. Кога ќе бидеш бремена со Бруклин, ќе те сликаат како седиш покрај базенот во црно-бели бикини и фотките ќе бидат на сите Британски насловни. Тоа ќе те натера да седиш почесто внатре.

Дали се релаксирам во бикини на плажа? Не. Сè уште сум самокритична. Кога ќе имам 60 години веројатно ќе си кажам „требаше да уживам малку повеќе.“ Биди помалку загрижена за тоа како изгледаш. Научи да се опуштиш. Секако дека ќе направиш грешки. Ќе бидеш успешна, но ќе сфатиш дека многу полесно се губи, отколку што се добива. Тоа е тешка лекција за учење.

На тема мајчинство: Кога еднаш ќе станеш родител, константно ќе се грижиш. И ќе имаш 4 деца, што значи многу грижи. Мајките велат „дури и кога ќе имаш 42 години, уште ќе се грижам за тебе.“ Децата значат дека ќе бидеш константно изморена и ќе имаш големи подочници. Децата секогаш ќе бидат на прво место, но никогаш не смееш да заборавиш кој си и што сакаш да постигнеш. Дали е возможно да имаш сè? Дали е возможно да работиш и да бидеш успешна мајка? Како што старееш, многу почесто ќе си го поставуваш ова прашање. Ќе сфатиш дека со напорна работа, сè додека семејството го ставаш на прво место, возможно е да се оствари баланс. Ништо нема да биде совршено, но ќе се чувствуваш благословено.

Неколку зборчиња за училишните активности - никогаш не носи платформи ако треба да ги носиш децата на трка. И никогаш не верувај на друга мајка кога вели дека ќе биде до тебе до крајот на трката. Бидејќи никогаш нема да биде. И кога ќе кажат дека важно е да се учествува, не верувај. Важно е да се победи. Ќе викаш дома, но никогаш на работа. Биди добар шеф. Прави го она што го мислиш, но не ги потценувај оние кои имаат талент.

Околу бракот: Биди трпелива. Прегризи го јазикот. Биди поддршка. И секогаш биди малку мистериозна. Никогаш не се запуштај, барем исчешлај ја косата, исчисти ги забите и среди ги веѓите бидејќи ќе сакаш тој секогаш да те смета за привлечна. Секогаш наоѓајте време еден за друг. Бидејќи ако не успеете, сè ќе се врти околу вашите деца и не сум сигурна колку е секси тоа. Не заборавај на личноста во која се заљуби. Ќе го следиш твојот маж околу светот, од Манчестер до Шпанија, па потоа Америка. Во Шпанија ќе сфатиш колку уживаш во неговите најдобри денови од кариерата. Шпанија исто така ќе биде добар столб за твојот моден бренд преку соработки за линии на џинс и очила.

Но, морам да те предупредам, поголем дел од времето ќе биде тешко. Не сум исплашена да ти кажам колку тешки и ужасни времиња имаше. Луѓето кажуваат злобни работи. Не секогаш ќе имаш насмевка на залиха. Секојпат кога ќе го вклучиш телевизорот ќе сфатиш дека има нешто поврзано со твоето семејство. Ќе научиш колку злобни може да бидат другите жени. Другите ќе попуштат под притисок, но ти нема. Искористи го тоа време за да се фокусираш, да се затвориш, да работиш напорно и да ги заштитиш децата.

Во врската, луѓето ќе обожаваат да ти поставуваат пречки и или ќе ги прескокнеш или ќе се сопнеш. Никогаш нема да дискутираш со Дејвид колку деца сакаш или да ги прашаш каде сака да живеете. Не ги дискутираш овие работи бидејќи си млад и заљубен. Дури и да не ја сакаш истата работа, взаемната поддршка е она што ве држи заедно и растете како луѓе - заедно. И ќе вреди.

Повеќето денови ќе си го погледнеш животот и ќе кажеш „Никогаш не мислев дека поддршката може да постигне волку.“ Сакам да ти признаам дека уште го мислам тоа сега.

Неодамна бев во Њујорк за снимање на британскиот Вог во луксузен пентхаус. Погледнав низ прозорецот и можев да го видам сонцето заедно со жолтите такси возила кои создаваат магична панорама. Се штипнав. Ќе имаш многу такви моменти. Немој да ги земаш здраво за готово.

pismoto-na-viktorija-bekam-do-18-godinata-devojka-vo-sebe-3.jpg

М. Д. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg