Голи грбови, кратки сукњички или кифлички и руска салата - Каде за Нова година
Ова е тој период од годината кога те демне неизбежното – Абе каде за Нова година? Го мразиш од дното на душата, те нервира, а честопати се фаќаш во ситуации каде и ти му го поставуваш истото прашање на соговорникот, затоа што немаш идеја што друго да кажеш.
Ах, поминаа тие стари добри времиња кога со нетрпение ја очекуваш ноќта на 31-ви декември. Возбудата која трепка подеднакво силно како и светилките на елката, единствената ноќ во која може да останеш буден до колку сакаш. Ноќ обоена со безгрижност, многу руска салата и кифлички, новогодишни филмови, грст чоколади од пакетчињата.
Неколку години подоцна се подготвуваш за прослава со твоето друштво, а сјајот во очите и возбудата се уште поголеми. Што да облечеш, што ќе се јаде и пие, дали симпатијата ќе дојде на прославата... дали ќе успеете да се бакнете? Среќни и будалести времиња во кои не сте многу свесни за реалните проблеми кои го нагризуваат светот и домот, а тенките хулахопки и кратките фустанчиња им пркосат на минусните температури. Нова година, какво славје.
Дали доаѓа со годините или промената на околностите, но некако сите се помрзоволни по ова прашање. Нема некоја особена возбуда и драматичност. Нова година – ден како и секој друг. Поголемиот дел радо би ја преспале ноќта, на топличко во удобни пижами. Се изгуби магијата, нема силни причини за толку славење и трошење.
Аранжманите во рестораните и хотелите дома и во странство се граничат со лудило. Повеќе од половина плата за една ноќ – вреди ли? Си ја правиш математиката и сфаќаш дека нема поента.
И сè е некако излитено, истрошено, веќе видено и преџвакано. А сепак... прашањето и плановите не изостануваат. Сепак си китиш по дома, си правиш план за менито, музиката и гостите.
А вистината е дека првото утро во новата година сè ќе биде по старо.
Нештата нема да се сменат преку ноќ. Ќе се разбудиме само еден ден постари, со стари сметки, неплатени долгови, плати што доцнат, истите грижи и обврски кои, за жал, не можат магично да испарат во една вечер. Со малку повеќе храна во стомакот, со традиционалните сарми за ручек, некој мамурен, некој ококорен уште со петлите кој се подготвува да го гледа Виенскиот концерт на 1-ви јануари.
Па тогаш, зошто оваа ноќ е толку исчекувана, иако сите повторуваме дека е досадна и иста како и секоја обична друга? Затоа што со себе носи надеж.
За подобро утре, желби кои сакаме да ни се исполнат, нови планови и одлуки.
Затоа што и покрај возраста, длабоко во себе сите потајно ја очекуваме и веруваме во Новата година. Да си посакаме само здравје и многу љубов. Тие две работи ќе се погрижат за сите останати.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело