Баба ми не е жена, таа е жениште!
Ме разбуди звукот на апратите кои беа приклучени близу инфузијата која беше закачена за раката на баба ми. Сигурно сум заспал дежурајќи цела ноќ, не се сеќавав кога, сигурно сум изгубил осет за времето. Таа ги отвора своите очи и целата насмеана, што би рекла како „ветрушка” ми испраќа знаци за да направи нешто недозволено.
„Однеси ме надвор да запалам едно цигарче да си ја вратам душата, ајде кажи им дека ќе се раздвижам, а јас скришум, скришум да си ја наранам душичката”, вели таа во исчекување.
„Сто пати сум ти кажал дека да можев ќе ти го овозможев тоа, но поради терапијата која ја примаш тоа не смее да се случи. Ајде сега раскажи ми нешто, ќе ти помине и желбата и времето, а и двајцата ќе се расониме додека да дојде докторот”, велам јас додека ги гледам нејзините натажени очи.
Таа бара нешто по џебовите на нејзината ноќница, имено ден пред тоа ми раскажуваше дека таа била најубава во нејзиното село и дека дедо ми ја „бендисал” на слика. Низ смеење знаеше да каже дека ќарила Американец, бидејќи дедо ми живеел и работел долго време таму, а кога се вратил веднаш стапил во брак со девојката која му го зела здивот преку слика.
Од џебовите извади еден лист и ме натера да го отворам. На него пишуваше на латинични букви „Bucket list”, а во продолжение преведено на македонски (работи кои треба да ги направам пред да го напуштам светот).
„Не се чуди многу, тоа дедо ти ми кажа, тие Американчиштата многу луд народ, сите правеле таков список, со работи кои ги сакаат, тоа ти е исто како кога одиш во маркет да купиш нешто, само ова за животот, ете прочитај де, ќе ти стане јасно.” Ми раскажува мене, како јас ништо да не разбирам.
Нејзината листа имаше доста работи, дури 15 од кои само една не беше означена како исполнета.
„Читај таму, точка број еден, да се сликам со другарот Тито. Охоо и тоа како се сликав, да видиш како го грабнав да се чуди цел свет на таа слика, ете ја во албумот ако не ми веруваш.
Да дочекам внуци, навираат солзи на нејзиното лице, а мене ми се тресе душата. Ве дочекав сите од прв до последен и ви се изнагледав уште на свадба да ви заиграм и шмрчи со носот обидувајќи се да не заплаче.
Да остарам заедно со дедо ти, ех каква убава старост си дочекавме, Господ да го поживее.
Ако не ми веруваш колку сум изминала од животот прочитај сѐ, но сега оди на последната неостварена точка, прочитај што пишува таму, имаш мала задача од мене”.
На последната неостварена точка, стоеше„ Сакам да ја видам ваквата листа на мојот најстар внук, за да видам што сака тој од животот и дали тоа е правилно и да му оставам аманет, да ја заврши на начинот на кој јас ја завршив мојата, за да не се изгуби она што сум го започнала”. Кој би рекол дека баба ми била толку модерна.
Цел ден мислев, пишував, гледав колку го сфаќаме животот здраво за готово, барав предизвици, копнежи, скриени желби, ги редев на мојата листа на работи кои треба да ги направам пред да заврши целата оваа приказна, само за да ја насмеам.
Напишав многу и оставив празно место за некои идеи кои ќе дојдат подоцна. Возбуден потрчав да стигнам во болницата за да се смееме заедно. Баба ми која секогаш кога ќе заминеше во болница велеше дека веќе не се враќа, а секогаш се враќаше сè посилна и посилна, ме пречека посвежа од кога било.
Ми се смееше на сите скриени желби и ги поддржа сите мои стремежи за успех. Го зема пенкалото и ја заокружи последната точка од нејзиниот список. Се насмеа и ми ја наполни душата.
Рече дека конечно е среќна, бидејќи исполнила сѐ што замислила.
Јас ја држев нејзината рака и размислував за тоа како таа ме натера да си поставам цели во животот, за да биде сигурна дека секогаш ќе го следам вистинскиот пат. Со тој гест ме научи дека ништо не е невозможно и човек треба да се стреми да ги оствари своите копнежи и скриени желби.
Не бадијала таа беше столбот кој секогаш ја балансираше хармонијата во нашиот дом, толку луда, толку весела, толку полна со живот. Како што знаев да кажам, таа не беше жена, таа беше жениште, во секоја позитивна смисла на зборот!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело