3 лекции кои ги научив правејќи погрешни избори во животот
Кога бев на факултет бев убедена дека животот после дипломирањето ќе ми биде поприлично линеарен: работа, кариера, семејство, по малку одмор...
Така секој избор кој го правев ја носеше во себе тежината на тоа како ќе се одрази на мојата иднина.
Кога по дипломирањето заминав во Лондон, со карта во еден правец бев сигурна дека ќе ми недостига мојот роден град, но дека местото на кое одам е многу подобро и нуди многу повеќе шанси да ги реализирам моите соништа.
Шест месеци подоцна, купив карта за назад. Се вратив дома разочарана од светот на парите, од Лондон, градот кој наедно беше премногу космополитски, премногу индивидуален, разочарана од самата себе, што не успеав да ги покажам моите квалитети и сето она кое го знам.
Некое време тагував и се прашував колку навистина вредам, но само за да успеам повторно цврсто да застанам на нозе сфаќајќи дека секој погрешен избор освен како грешка треба да го сфатам и како вредна лекција која ќе ја паметам во животот.
Најважните 3 лекции кои ги научив од донесувањето погрешни одлуки се следниве:
1. Во последните неколку години сменив многу работни места, градови, момчиња и сето тоа навистина беше мачно и напорно, да, но истовремено тоа беше и единствениот начин да се запознам себеси и да сфатам што е она кое навистина го сакам. Сфатив дека животот не е баш линеарен, туку почесто има некаква цик-цак патека. Доаѓаат моменти на разочарување во кои мислиш дека секоја одлука е нова грешка, но и моменти во кои се наоѓаш на седмо небо. Токму тие се моментите во кои учиш кој/а си и што сакаш. Сè е едноставно? Не, никако, секоја лекција има своја цена. Но, денес кога ќе се погледам во огледало сфаќам дека ништо од тоа не било залудно.
2. Џим Рон вели „Мотивацијата не трае долго. Слично како и туширањето, па затоа го повторуваме секој ден“. Овој цитат е нешто кое толку многу си ги по повторував што го чувствувам како свој. Окружете се со позитивни луѓе кои секојдневно ќе ве мотивираат, опкружете се со луѓе со кои секојдневно ќе дискутирате, ќе планирате, ќе сонувате... Почнете го денот со некаква мотивациска мисла наместо со проверување на социјалните мрежи и ќе видите за кратко време ќе размислувате многу поинаку.
3. Во животот нè очекуваат многу нешта за кои воопшто не ни помислуваме. Сепак грижете се за нив тогаш кога ќе се појават. Голем дел од одлуките кои ги донесував се засноваат на тоа како ќе се одразат на мојата иднина, а сепак заборавав дека јас сум присутна овде и сега и дека секоја од тие одлуки влијае на мене и во сегашноста. Светот се движи многу побрзо од што ние сакаме, нештата брзо застаруваат и доколку не успееме да го задржиме чекорот со промените големи се шансите тоа што го знаеме „да излезе од мода“. Долго време се борев против ваквиот тек на нештата сè до моментот во кој сфатив дека наместо да пливам во погрешна насока и против брановите, можам да отпливам кон нова река. Можам да се движам низ илјадниците реки сè додека не ја најдам вистинската во која ќе се чувствувам своја на своето.
М. С. | Црнобело