Кој вели дека малите бротчиња не можат да преживеат големи бранови?
Утро, темно утро со многу магла, ден 1.200-ти од денот кога слушнав малку посакувани зборови. Темна ми е душата како и утрото. Во животот никогаш не се надевате дека ќе го добиете она што ви следува и најчесто завршувате да го добиете она што најмалку го заслужувате, но се случува. Без разлика дали ние сакаме да се случи или не.
Скоро три години откако докторот ми ја соопшти мојата дијагноза, рече два збора, мултиплекс склероза и настана мртва тишина. Јас имав само 16 години, ми се пресекоа нозете, ми се запре гласот, главата ми падна надолу и не можев да ги запрам солзите. Не знаев што значи, но по изразот на неговото лице и по солзите на лицето на мајка ми тоа беше лошо, многу лошо...
Ме однесоа насекаде, правеа резултати одново и одново, ме издупчија по сите можни места на рацете и одново и одново истиот резултат. Тоа беше единствено објаснување за моите замрзнувања на едниот дел од телото, тоа го објаснуваше згаснувањето на светлото на моето едно око и комплетната темнина која ја гледав низ него.
Не кажав на моите другари, се обидував да го кријам во себе, бидејќи не сакав луѓето да ме сожалуваат, се трудев да се однесувам колку што можам нормално, како претходно. Ги колнев сите гени на сите предци, кои според кажувањето на докторот беа заслужни за мојата состојба.
Честопати ми се случуваше да паднам, губејќи осет на едниот дел на телото, ми стана потешко да гледам телевизија или да користам компјутер. Но не се предавав!
Ако претходно учев три часа, после тоа учев шест, бидејќи морав да го одмарам едното око, но учев секојдневно. Потешко ми одеа сите активности, се напрегав, но никогаш не дозволив заради тоа да ме третираат посебно, никогаш не сакав да добијам специјален третман.
Одвнатре се кршев бидејќи сите излегуваа за време на викенд и се дружеа, а јас примав терапија која беше пресилна и ме легнуваше во кревет, недозволувајќи ми да се исправам со денови. Горев од температура и болки, не можев да заспијам, живеев четири дена, а потоа за да преживеам умирав во наредните три додека траеше ефектот на проклетата терапија која ме одржуваше во живот.
Се прашував зошто моите нерви и моето тело не сакаа да соработуваат, зошто едноставно не можеа да се усогласат?
Душата ми беше истолчена на толку млада возраст, но во главата ми одекнуваше гласот кој постојано велеше „Не се предавај!”.
Луѓето ќе речат за него заврши животот, но јас ќе ги побијам, бидејќи никогаш нема да се откажам од мојот живот. Без разлика колку таа состојба ќе ме забави, таа нема да ме спречи да ги остварам своите цели. Сè додека можам да дишам јас ќе се борам да ги остварам своите сни, колку и да изгледа тоа невозможно, колку и да изгледа претешко.
Сакам да го имате тоа на ум, дека во животот ништо не може да ве запре. Ограничувањата кои ги имате во вашата глава треба да ги отфрлите самите. Не ни е пишано на сите да го поминеме лесно овој живот, на некои им е пишано да се мачат, но жалењето само ја влошува таа состојба.
Земете го зракот на новиот ден, свежиот воздух на ветрот, сфатете дека е неважно што ви се случило или сè уште ви се случува, вие можете да се изборите за својата среќа. Боли, многу боли, но сепак се стигнува до рамнотежна состојба каде се достигнува хармонијата која ви е потребна.
Кој вели дека малите бротчиња не можат да преживеат големи бранови?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело