Само посакај...
Затвори ги очите, само на момент изолирај се во твојата фантазија. Не мисли на светот и на сите отровни нешта кои излегуваат од него. Заборави на сите проблеми, на сите нервози, на сите подеми и падови на твојот трнлив пат. Само замижи и изолирај се во тишина која се наоѓа во твојата глава.
Замисли си желба, искрена, сè она што ти лежи на срцето, во таа темнина и тишина во твојата глава пронајди го она што е највредно, посакај го она што те исполнува и не се грижи за тоа дали бараш премногу од светот. Само посакај.
Додека горат свеќите и го гледам твоето насмеано лице над роденденската торта, знам дека повторно ќе имаш скромна желба, бидејќи кога ќе ги отвориш очите околу себе ќе имаш круг на луѓе кои се правилно одбрани.
Секој од нив со своја цел во твојот живот, секој од нив со најразлична приказна влегол во него и останал таму според твоите строги методи на преживување. Јас знам дека тоа отворање на очите после твојата роденденска желба е можеби најубавата глетка. Да ги гледаш оние кои ги сакаш како ракоплескаат на твојата среќа.
Зарем постои поубава глетка од тоа?
Кога те гледам така крај роденденската торта, немам зборови во моето тело со кои можам да ја опишам среќата која ме обзема. Таа твоја скромна насмевка и тоа нежно тело скриено во раскошниот бордо фустан со панделка... Таа твоја среќа, мојот опиум за да живеам секојдневно.
Кога ти се смееш, светот мој запира, се исклучувам од реалноста и за мене постои само тој звук кој прави да ми затрепери гласот и да ми застане крвотокот.
Твојата среќа за мене е најважното нешто во моето постоење. Сакам да не престанеш да се смееш и секогаш да ги имаш тие напади на смеење, како кога шлагот од тортата ќе заврши на твоето лице.
Сакам да бидеш силна и да не се откажуваш, патот до успехот е многу повеќе од она што го знаевме претходно. Мачен е, болен е, но вреди, знаеш дека вреди.
Во твојот живот светлината секогаш да наоѓа пат, на начинот на кој свеќите ти го осветлуваат лицето, додека го собираш воздухот за да ги однесеш.
Бори се за себе и за своите соништа, секој ден, секогаш, не се предавај.
Сега одново, уште двапати, изолирај се во својата глава и замисли желба, немој да замислуваш скромни желби, еднаш биди дрска и посакај нешто поголемо, нешто што се чини невозможно, за да имаш простор да работиш и да го оствариш, ти, заедно со луѓето околу тебе, сето тоа да биде возможно.
Дувај силно, за да го згаснеш огнот на врвот на свеќите, на начинот на кој треба секојдневно да ги згаснуваш лошите намерници кои залутале на твојот пат. Сето тоа не само овој ден, туку секој нареден додека се будиш, додека сонуваш и додека се надеваш.
Имај го тој жар во себе, како жарот на изгаснатите роденденски свеќи.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело