Престани да ги лечиш твоите комплекси на мене!
Во денешно време луѓето си земаат многу работи здраво за готово, забораваат дека со секоја секунда од нивното постоење работите можат да се променат и она што било претходно да не биде никогаш повторно. Ми се случува секојдневно и мислам дека не сум единствениот кој се наоѓа во таква ситуација, на која несвесно или сосема свесно ме подложува општеството.
Каде и да почнам да зборувам за негативната енергија која се ширеше преку едноставните работи кои беа секојдневни, во светот нормални, а кај нас се сфаќаа сосема трагично, бидејќи најчесто луѓето кои ја работеа работата не ја сакаа или имаа неизлечиви комплекси кои се обидуваа да ги лечат на странците кои случајно ќе се појават. И сето тоа завршува со една кавга од која двете страни се апсолутно изнервирани...
Затоа кога ќе порачам такси и ќе замолам да застанеш да собереме некој другар, не туку ми „цкај“ со устата. Си барам услуга за која ќе си платам, тоа е дел од твојата работа.
Ако не ти се допаѓа, јас не сум крив. За тоа што го барам во услугата, ќе си платам. Нема потреба од „сељачко“ однесување за една обична работа за која фино сум замолил.
Кога ќе влезам во пекара и ќе прашам која пита е најтопла, тоа го правам за да јадам нешто топло бидејќи така ми налага душата.
Значи, те прашувам и сакам да ми дадеш искрен одговор и услуга за која јас плаќам со мои пари.
Не сакам да ми ја тупнеш најрано извадената пита само за да ја продадеш, па наместо топол појадок да јадам печиво ладно како камен.
Ако се појавам во твојот бутик за да си одберам фармерки, не ги превртувај очите кога ќе сакам да пробам две или три различни парчиња фармерки или два или три различни броеви од истите.
Сепак, она што го купувам сакам да ми биде по желба, а за да си го купам сум работел макотрпно и сум те одбрал токму тебе и твојот бутик.
Не биди идиот кој ќе изгуби потрошувач само заради тоа што не сака да си ја работи својата работа.
Кога ќе дојдам во твојата продавница и на касата додека ја процесираш мојата картичка за да платам, ако фино ти се обратам за да те прашам за купони и понуди кои ги имате, сакам краток и концизен одговор на реалната ситуација, не мора да викаш како си преморена од смената и како тоа има гужва и ти немаш намера да се заморуваш со моето прашање.
Додека се оплакуваш ќе ми кажеш, јас ќе бидам задоволен од одговорот, а и тишината додека се чека процесирањето на парите нема да биде толку непријатна.
Ако ти побарам чаша вода или екстра шеќер, не мора да ми ги извадиш очите, можеш фино и културно да ми ги донесеш во моментот кога ќе можеш тоа да го направиш.
Знаеш дека на крајот на денот ако имаш одлична послуга ќе добиеш и бакшиш кој можеби нема да е многу, ама тебе ќе ти го направи денот, а мене ќе ми овозможи да го имам кафето на начинот на кој ми се допаѓа.
Едноставно е, тоа можеби се ситни работи, но со тие ситни работи вие ја добивате или не ја добивате довербата на вашите клиенти.
Не е ништо невозможно, не е ништо премногу.
Понекогаш можеби нервира, но сепак со малку разбирање ќе се избегне огромна нервоза.
Ценете го човекот кој дошол во интеракција со вас, не го расипувајте неговиот ден и не ги лечете своите комплекси на тотални странци.
Тие не се виновни за вашите успеси или неуспеси во животот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело