Не живејте во заблуда дека најдобриот пријател треба да го познавате најдолго...
Беше вечер, седев на терасата и уживав во вечерно кафе со цигара, надвор врнеше и дождот правеше еден тивок, придушен звук кој можеше да се слушне надалеку. Во главата ми се вртеа мисли за тоа каква улога игра времето кога треба базирано на него да ги оцениме луѓето кои се околу нас.
Се прашував дали е потребно да помине долго време за да откриеш всушност кој е кој или е возможно тоа да го забележиш при првиот контакт?
Дали луѓето кои ги познаваш предолго се оние кои треба да останат до тебе засекогаш или во животот ќе наидеш на луѓе кои ќе ги познаваш многу кратко, а сепак ќе ти бидат блиски до срцето како да си ги познавал отсекогаш?
Пред да влезам во кругот на брзи промени, испити, нова средина, преселби и разно разни глупости кои доаѓаа во дваесеттите години мислев дека составот на пријателите е тој, нема измени, нема потреба од никакви промени. Тие кои останале со мене дотогаш ќе бидат тие кои ќе останат засекогаш.
Го знаете она чувство кога сами себе гадно ќе се излажете?
Во тие мои претпоставки заборавив дека луѓето се менуваат побрзо отколку што човек може да замисли, но исто така, заборавив да си напоменам дека секој еден може да биде заменет, доколку тоа го посака.
Впуштен во искушенија, сам на непознато место, со предизвици какви што дотогаш не сум видел, налетав на разни луѓе. Некои од нив исти како тие претходно, некои полоши од тие кои ги познавав. Но, старите знаат да кажат, секоја птица ќе го најде своето јато, така и јас налетав на луѓе слични на мене.
Ги знаев кратко и со нив можеби не ги делев спомените од детството, можеби не пиевме заедно во средно и не бегавме од часови. Можеби не знаеја како ми било за време на првиот секс или како сум го изгребал автомобилот на татко ми кога скришно го украдов од гаражата.
Можеби не ги знаеја сите мои тајни, сите девојки со кои сум излегол и сите глупости кои сум ги направил, ме знаеја прекратко и ги знаев прекратко, но ми сраснаа за срце како да ги знам за цел живот.
Нив можев да им го доверам животот, да им раскажам што се случува во секој ден, без разлика колку тој ден е „зафркнат“, нив можев да им верувам повеќе отколку на луѓето кои биле со мене уште кога не сум знаел да зборувам.
Едноставно кога бев во нивна околина знаев дека сум на безбедно, се чувствував како да припаѓам таму иако времето на меѓусебно познавање беше премало споредено со времето поминато со погрешни личности во мојот живот. Сепак се чувствував како тоа да е составот кој сакам да го имам во животот.
Таа вечер сфатив дека времето на познавање на човекот не го дефинира начинот на кој ти ќе бидеш третиран од тој човек. Може да те познава многу кратко, а да се однесува со тебе со почит и внимание какво што не си видел од оној кој те познава цел живот.
Луѓето кои ги знаев пократко од оние кои требаше да бидат мои најдобри пријатели никогаш не ме извисија, не си дозволија да не ми кренат телефон и секогаш наоѓаа минута или две да ги ислушаат моите маки иако си имаа доволно свои. А оние старите, знаеја често да го игнорираат мојот телефонски повик и да ме заборават.
Луѓето кои те третираат на начинот на кој заслужуваш не мора да бидат оние кои биле со тебе додека ти минувале годините, тие едноставно доаѓаат без да знаеш и остануваат без да ги молиш.
Тука нема временска дефиниција, тие ја имаат моќта за секунда да предизвикаат чувства какви што не си почувствувал со години.
Тие луѓе се оние кои ќе ти го разубават животот, за таквите луѓе не треба да помине време за да те ценат и да направат да се чувствуваш убаво, таквите луѓе се оние кои ти се потребни за да го поминеш секој нареден, тежок ден, а да се чувствуваш среќно и исполнето.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело