Животот за време на колоквиумска...
Нема некој што бил студент, а не ја искусил, дури и оние кои се обидувале да ја избегнат, порано или подоцна се соочиле со нејзината подваријанта која носи различно име, а ги има истите карактеристики.
Зборувам за оној период кога повеќе преферирате да ви падне клавир на глава или едноставно да не се разбудите, отколку да станете од креветот и да се соочите со чудото наречено колоквиумска недела.
Но, за жал сакале или не, двапати во текот на семестарот започнува таа судна борба со колоквиумите, а вие едноставно не можете да одолеете на симптомите кои ги носи тој мачен период за студентите.
1. Очите ви се истечени од читање што едноставно кога ќе го тргнете погледот од книгата мислите дека во воздухот лебдат букви и немате перцепција за надворешниот свет, туку сте затворени со она што е длабоко сокриено во книгата.
2. Кафето ви е основно средство за преживување и го консумирате повеќекратно во текот на денот, со надеж дека ќе успее да ги држи вашите очи отворени.
3. Подочњакот е ваше карактеристично обележје и не можете да го скриете. Поради него дури и пензионерите во ЈСП заедно со децата од градинка знаат дека на вас ви е колоквиумска недела.
4. Во тој период излегуваат сите нови епизоди на вашите омилени серии и некако е поинтересно да се изгледа цела сезона во една вечер отколку да се прочитаат три страни за еден час.
5. Паузата за цигари ви трае подолго од времето поминато за учење.
6. Пцуете минимум трипати во една минута, криви ви се лисјата, пенкалото, скриптата, прашината во воздухот, едноставно имате толку негативна енергија и се очекува во секој момент да експлодирате.
7. Трчате по копирници со надеж дека ќе успеете да најдете испитни задачи и замарате колеги да ви кажат што се паднало претходната година.
8. Во главата пробувате да напикате сѐ, од теорија до формула или задача и да го напишете тоа на тетратката која ви е дадена, без разлика што постои огромна веројатност сето тоа по завршување на колоквиумот да испари.
9. Добро познатото место „Браќа” ви е втор дом, а од дома никако не можат да сфатат кои се тие браќата со кои вие го поминувате целото време од вашиот живот.
10. Ако ве пуштат од читална да просите пред Сити Мол, сигурно ќе соберете доста монети, бидејќи сте тотално несредени и не личите на себеси.
11. Ви се плаче и често ви се влажнат очите од ситуацијата во која што се наоѓате, ама се тешите дека ќе биде подобро.
12. На Инстаграм и Фејсбук имате слики со тетратки, скрипти, маркери, бидејќи сите мораат да знаат дека вие учите.
13. Од дома постојано ви се јавуваат да ве прашаат како поминавте, а вие едноставно немате сила да им објасните дека навистина учевте, ама инспирацијата на професорката беше толку огромна што вашето знаење се сведе на незнаење поради екстравагантните барања.
14. Посакувате да заврши, а таа сè уште не ни почнала и се молите да се случи чудо за да поминат сите тие нервози.
15. Ако поминете лошо, тогаш сигурно си велите, па има испит, да бидеме живи и здрави.
На крајот сте тотално изнемоштени, ама одвај го чекате крајот, за да можете убаво, убаво да се напиете и да прославите бидејќи колоквиумската завршила.
Исходот не е важен, важно е да се прослави, сè до наредниот пат, а потоа целата приказна пак одново.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело