Што им згрешивме ние, студентите „провинцијалци"?
Сите ние тргнуваме по најразлични патеки за да ги оствариме соништата кои сме ги замислиле додека сè уште не сме знаеле што всушност претставува светот. Секој од нас на сопствен начин, секој од нас со свои методи. Сите ние сме пешаци кои сакаат да ја остварат својата цел.
Во главниот град, Скопје, дојдов како човек од периферијата, барем така ме нарекуваа староседелците на овој град, не сите, но најголемиот дел си дозволуваа да го речат тоа.
Да бидам искрен не дозволував да застранам од својот пат и да го губам времето на глупости, но едноставно не можев да сфатам што им сметаме ние студентите на дел од луѓето во главниот град. Зарем беше грев што ги напуштавме родните градови за да дојдеме да студираме, зарем тоа претставува некакво прекршување на законите на живеењето?
Да започнам прво од местото на живење, ќе најдеш стан и ќе се придржуваш до нормите на кои те научиле дома, ќе бидеш фин и ќе се трудиш да не ги нервираш комшиите. Но, комшиите ќе направат сѐ што можат да те обвинат за сите работи само заради тоа што имаш статус студент.
Тие кои знаеа каде живеат студенти ќе се бунеа за малку погласната музика која запираше во 12 часот, а беше пристојна англиска музика, но немаа да се бунат на песните на Аца Лукас од комшивката под нив по повод нејзината слава кои ечеа до два часот по полноќ, бидејќи таа не е студент и не смее да биде осудена на начинот на кој не осудуваа нас. Им пречеше нашето движење по подот, дури и нашето дишење, омилена работа им беше тропање на нашата врата за сенешто.
Во автобус често ми се случуваше да се тегнам со куфери и со ќесиња полни работи кои требаше да ги пренесам од автобуска до станот, а од страна да ги гледам луѓето како се потсмеваат на таа моја ситуација. Честопати знаеа да се исмеваат за мојот статус студент, некои друи и да превртуваат очи како да сум им згрешил нешто.
Газдите, ако даде Господ ќе ти се погодат и нема да имаш мака, но честопати ми се случуваше да ја слушнам реченицата која ме правеше да ми се преврти сѐ во стомакот, „Охриѓанец немој ти мене да ми кажуваш овде како треба, не си ти тој што треба да кажува” и без разлика колку не беа во право, тие беа во право, а јас ја наведнував главата. Што бев јас само еден студент кој мора редовно да плати кирија и плаќа, а повторно е грешник.
Кога се јавував да нарачам такси, честопати диспечерката знаеше да ми каже „Зборувај убаво ништо не те разбирам”, а јас останував зачуден од тоа како госпоѓата дотична не може да го разбере западно-македонскиот говор, еден од говорите на кои е заснован нашиот литературен јазик. Најчесто завршуваше со кавга која ме тераше да одам секаде пеш.
Пред да дојдам да студирам се прашував зошто велат дека кога си студент си за грев, најранлива категорија, но тогаш не ги разбирав. После три години поминати во студентски маки сфатив сè, зошто одредени луѓе обожаваа да потценуваат, зошто сакаа да навредуваат, особено зошто и бевме омилени ние студентите од другите градови.
Што им згрешивме ние кои сме дошле да ги оствариме своите соништа?
Зарем нас луѓето нè дефинира местото од кое доаѓаме, зарем по тоа сè се оценува колку вреди човекот. Мислев дека ние луѓето можеме повеќе од тоа, мислев, ама само мислев...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело