Беше тоа една несакана исповед во читалната

Беше неколку часови после полноќ, можеби три или четири часот наутро, ги протрив очите кои беа поцрвенале од предолгото читање во книгата. Бев седнат во ќошот на читалната и не забележав дека сум останал сам во огромната светла просторија. Другите се откажале прерано, а јас бев толку внесен што не го забележав тоа масовно напуштање на едно од најпосетуваните места на студентите.

nesakanata-ispoved-vo-citalnata-01

Чуварот дојде и ме погледна, бидејќи беше голем шегаџија само се прекрсти и рече со смеа „Уште ли бе дете?”. Јас само го погледнав со зајадлив поглед и му реков „Како што вели една песна посветена за моето име, но фала му на Бога што не се уште девет години, туку само уште две”. Се насмеа слатко и ме остави сам во испразнетата читална, а јас почнав полека да се пакувам.

Забележав дека на првата клупа некој си беше заборавил тетратка. Беше голема тетратка, А4 формат, со спирала и розеви корици. Ја отворив првата страна но немаше име, ниту презиме ниту пак нешто што алудира кој е сопственикот на убавата тетратка. Под тетратката имаше лист кој беше скинат од неа.

Во левиот горен агол имаше нацртано скршено срце и стоеше наслов кој беше поминат со пенкало неколку пати, се чудев како не се скинал листот од толку сенчање, велеше „Од каде е тоа гнасно чувство кое ги тера луѓето да изневеруваат?”. Беше напишано на дијалект, источен македонски, а јас наместо да одам дома и да спијам решив да ја прочитам срцепарателната приказна на непознатата девојка.

„Никогаш нема да разберам зошто мажите се себични копилиња кои очигледно магистрирале на катедрата за кршење женски срца и уништување на нивниот живот.

Не можев да сфатам зошто воопшто сакаат да го посетат тој факултет кој ги учи на неверност и повредување на сите припаднички на женскиот род.

Никогаш нема да сфатам како уништувањето на една личност ги прави да се издигнат, да го напумпаат своето его и никогаш да не се грижат за солзите на личноста која секогаш плаче заради нив. Зарем сеуште постојат такви свињи?

Да, да тој беше свиња, а јас заљубена во свиња, без чувства, без трошка почит, без грам срам и без желба за заедничка иднина. Една лажлива свиња која секогаш се ваѓаше со своите слатки зборови, каде ли ми беше паметот?

Од неговиот третман научив многу, сфатив дека тој спиеше со повеќе жени додека беше со мене отколку бројот на пати кога ми рече „те сакам”. Тој беше неромантичен тип кој не знаеше да купи едно цвеќе или да напише два три реда текст за јас да се чувствувам убаво.

Всушност јас бев онаа редовната, украс пред неговите додека тој доживуваше валкани авантури, а светот се смееше на моја сметка. Јас сама во ноќта сонувајќи за него, а тој со друга делеше воздишки по гнасни постели.

Сѐ ме научи, дури и колку е човек глупав додека е заљубен, само едно не. Која беше потребата да се прави тоа, што беше она што го тераше и од каде му се јави тоа одвратно чувство кое ја зацрна неговата душа.

Сакав и јас да научам, за да постанам и јас како него и никогаш повеќе да не се зљубам. Но, сега е доцна, за него, за мене, за нас, за љубовта, за светот. Само се надевам животот ќе му врати во иста мера.

Ќе го проколнувам секој ден, изневерената јас”.

Текстот ме расони до мера што не знаев дали треба да сум навреден што сум наречен свиња или да се зачленам во некое здружение за антиизневерување на жените, бидјеќи тоа беше емотивна исповед на девојката со скршено срце.

Го завиткав листот и го ставив во тетратката надевајќи се дека сопственикот ќе го пронајде патот до своето исцелување и дека еден ден повторно ќе верува во љубовта.

Цела вечер или барем она што остана од ноќта сонував кошмари, ех животе, животе...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Мамо, заработи ли во странство доволно пари за да ми купиш ново детство?“ – трогателно писмо кое ќе... „На мои 4 години со тато отидовте во странство за да заработите за мојата иднина...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg