Жигосај ме, осуди ме, омаловажи ме, сепак јас сум само човек...
Седам во аголот на моето истребување и го набљудувам светот со сите тие слики, сите тие луѓе кои пополека исчезнуваат во бесконечноста, како една непрекината фунцкија на нашето постоење.
Се обидувам да најдам некоја логика во нивното бесцелно талкање на истиот начин како што се обидувам да ја дознаам причината за моето постоење.
Бездната која води до моето истребување го довикува моето име обидувајќи се да ме убеди дека ќе бидам ослободен од сите маки на земниот свет ако се предадам.
Од друга страна на височинката на која висам, сите тие луѓе како интересна слика во мојата потсвест.
Пуштам солза и одеднаш го сфаќам моето значење. Јас сум човек, еден мал, обичен човек.
Оној кој знае да го касне јазикот кога треба да зборува и да ги запре сите воздишки мислејќи дека желбите никогаш нема да се остварат.
Оној кој плаче секогаш кога неговата душа ќе биде допрена од злобните јазици на обичните луѓе во секојдневието.
Човек чија душа крвави секогаш кога гледа неправда, а не може да допринесе за нејзино искоренување.
Оној кој сака светот да престане да биде изопачен, злобен и неправеден.
Оној кој смета дека сечие срце е исполнето со искрени чувства како сопствените.
Човек кој верува во другите, непрестајно и безусловно и на крај завршува со милион ножеви во својот грб како пехар за таа укажана доверба.
Оној кој го трпи секој удар од животот, исправено на своите нозе и упорно бара лек за сите болки кои му се неправедно нанесени.
Оној кој се грижи што ќе биде кога ќе дојде новото утро.
Човек кој врзува крај со крај само за да преживее.
Оној кој работи и неговите раце се црни и груби од се она што поминало низ нив, од градежен материјал до четка која служи за чистење на тоалетот.
Оној кој не се срами да каже дека работи сѐ за да заработи чесно.
Човек кој само сака да биде фер со сите и да ја дели сопствената среќа со другите.
Еден мал обичен човек од секојдневието кој може да остане буден со денови за да биде во служба на сите останати.
Оној кој дава сè од дното на својата душа за да успее, да биде среќен и да ги направи најсаканите среќни.
Јас сум човек, еден од многуте во множеството на луѓе, како секој еден кој ќе го сретнеш на улица.
Можеби ние сите сме различни, можеби не делиме ист статус и исти интереси.
Можеби не живееме во исти услови и немаме исти соништа. Но ние сме едно исто, јас, ти и секој на кој ќе наидеш во своето постоење, ние сме луѓе.
Секој од нас талка по малку среќа и сонува за искрена насмевка. Секој од нас сака да почувствува топлина и да испише историја која вреди да се прочита.
Затоа пред да ме жигосаш, пред да ме осудиш, исмееш, понижиш или се обидеш да ме омаловажиш, сети се, јас сум човек, исто како ти.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело