Пронајди сила и не се плаши од невремето кое доаѓа...
Промената е неизбежна. Сигурно сте го слушнале тој израз и порано, нели? Идејата за тоа кои сме, каде сме и што сме, што се случува околу нас е само дел од циклусот/нередот/хаосот/текот на животот.
И тоа секогаш се менува од генерација во генерација.
Ни било кажано дека сме само деца кои растат.
Ни било кажано дека телото ни се менува во пубертетот.
Ни било кажано дека животот и понатаму продолжува, со сите подеми и падови.
И ни рекле дека најдобро е да се држиме до она што ни е цврсто познато, бидејќи така сме најсигурни.
Понекогаш тоа навистина фрустрира.
Понекогаш звучи застрашувачки.
И понекогаш посакуваме да останеме онакви какви што сме, во самото средиште на совршеноста, каде се чувствуваме безбедно, удобно и сигурно.
Ама животот не е баш таков. И токму тогаш кога ќе помислите дека сè сте сфатиле, животот ве носи во некои нови испитувања и близу некои нови сознанија.
Но, промената не е лоша работа.
Промената е синоним за раст, за други подобри услови, нови почетоци, преболувања, возбудливи познанства. Промената значи нешто ново, нешто чудно, нешто непознато и далеку поразлично од порано.
Тоа не значи и лошо...
Но, сепак, се чини дека промените и понатаму нè плашат, бидејќи стравуваме дека ќе станеме нешто друго, затоа што се плашиме дека најблиските ќе почнеме да ги гледаме со поинакви очи и во тој процес да ги изгубиме. Стравуваме дека ако се видиме себеси во огледалото ќе видиме некоја сосема поинаква личност. А, понекогаш сме и премногу мрзливи за да направиме некакви промени.
Промената е застрашувачка, бидејќи не знаеме што стои пред нас, дали стоиме на работ или не, кога одиме нанапред сè изгледа огромно...
Но, промената не е таква, барем не цело време. Понекогаш промената може да биде страшна, да, но само на почетокот, бидејќи сме се навикнале на нешто и треба време да заборавиме на навиката. Но, штом пројде одредено време, промените и не се така лоши.
Промената нè води на места, до луѓе, до можности, во живот кој никогаш претходно не сме можеле да го замислиме. Промените ни го покажуваат животот кој можеме да го живееме, а кој потполно се разликува од застојот во кој сме во дадениот момент.
Промената не е лоша работа, промената е можност за избор.
Што ќе одберете вие?
Н. Г. | Црнобело