Велат најлесно што можеш да направиш е да заминеш...
Велат, најлесно што можеш да направиш е да заминеш. Да си заминеш од оваа мизерија, од оваа празна ситуација каде сѐ се случува, а каде всушност, вистински ништо не се случува.
Каде што веслаш со едното весло во една насока, а со другото во друго и 20-тина години се вртиш во круг. Се случуваат лоши работи и само лоши работи. А, јас по природа сум оптимистична девојка – навикната да го гледам доброто во луѓето, во сето она околу мене. Ама, покрај сите овие фијаска и ситуации кои се случуваат, како да ми паднаа розовите очила.
Како што реков, сите мислат дека најлесно е да заминеш. А, вистината е дека е најтешко. Најтешко е затоа што треба да се простиш од фамилијата која долги години била зад тебе и ти го чувала грбот, да се простиш од пријателите кои те поддржувале за секој чекор, биле тука за тебе за да ги споделат твоите најголеми радости и најголеми падови. Треба да им кажеш „чао“ на тие луѓе и да се навикнеш да ги гледаш можеби еднаш годишно – зборувам, ако имаш среќа.
Тешко е да заминеш од градот во кој толку многу ти се случувало – каде си го доживеал првиот бакнеж, првата љубов, првите авантури, првите глупости, сето она детско, она убаво.
А, Охрид е убав град. Можеби не најзабавниот, ама најубавиот. Најубав е поради вечерите поминати во Дак до 4 наутро и маратоните во Вегера и Фул после тоа. Најубав е поради гимназијата охридска каде посветив 4 години од мојот живот, каде пораснав и каде може да се рече дека научив некои нови работи. Најубав е поради Драго - се знаеше каде си, ако не си на час. Најубав е поради изгрејсонцата кои толку убаво се гледаат од многу прекрасни места.
Најубав е поради Долни Сарај каде толку многу вечери поминав, а таму ѕвездите се како на никое друго место.
Почнува ново поглавје во мојот живот. Возбудливо и нешто комплетно поинакво од она до сега. Страшно е да ги напуштиш сите што ги сакаш. Знам, многумина ќе речат постојат Скајп и Вибер и што уште не, но бакнеж и прегратка силни, онакви какви што јас ги давам, не можат да се споредат со тоа. Не можеш да споредиш утринско возење во 5 часот наутро со „обична“ Застава 128-мица, со разговор за неа на Скајп. Можеби е обична таа 128-мица, ама мене и на моето друштво таа им ги дала најубавите спомени.
Најлесно е да заминеш и да се „откачиш“ од оваа мизерија. Најтешко е да ги напуштиш саканите. Но, мора. Бидејќи, вака нити се живее, нити се живурка. Можеби ни таму каде што одам нема да биде подобро, но понекогаш подобро е да земеш здив и да се нурнеш во новото, отколку да пливаш во плиткото и да не видиш што има во длабокото.
С. С. | Црнобело