Пронаоѓањето убавина во светот е како да бараш игла во сено
Понекогаш е навистина тешко да пронајдеш убавина или среќа во светот кој те опкружува. Грозоморни настани, војни, бомби, климатски промени, болести, сиромаштија, глад... Светот е на раб на безнадежност и исчезнување.
Дел се препуштаат на негативните мисли и им дозволуваат да ги обземат и целосно да завладеат со нивниот живот, а оние похрабрите ја засадуваат апатијата во саксија и едноставно чекаат да порасне надеж.
Песимистите велат дека пронаоѓањето убавина во денешниот циркуз наречен живот е како да бараш игла во огромен стог сено.
Оние кои ја гледаат чашата како полунаполнета, имаат поинаков одговор на предизвикот.
Па каде да се прoнајде таа убавина? Каде е сокриена среќата, како е запакувана, што стои на нејзината етикета, има ли рок на траење?
Среќата ќе ја пронајдете во сознанието дека вашите сакани се здрави.
Ќе ја почувствувате во насмевката на штотуку роденото бебе, кое го доживува светлото на денот и носи нов живот со себе.
Кога ќе ве исполни чувството на задоволство поради забавата која ви ја приредиле најблиските пријатели и тогаш кога сите наздравуваат во ваша чест и ви посакуваат убавини.
Убавината на животот е во фактот што не сте сами, ги имате родителите, браќата или сестрите, пријателите или миленичето како ваша поддршка.
Среќа е кога сакаш, но и кога си сакан. Кога конечно ќе успееш да го зготвиш тоа необично јадење и ќе го сервираш со љубов.
Што е животот ако не се вложиш себеси онаму каде што е потребна помош? Среќа е кога и другите околу тебе се среќни.
Кога врне велат носи среќа, а кога нема да се изнервираш затоа што не носиш чадор е уште поголема среќа.
Убаво е кога конечно ќе ги истрчаш тие недостижни 5 км. Кога ќе се искачиш на врвот и ќе го вдишеш животот со полно срце.
Сите мали и големи победи кои го сочинуваат целото. Сите насмевки и солзи кои го составуваат мозаикот.
Среќата е онаму каде што понекогаш не ја барате – некогаш зема облик на несебичен гест или убав збор од сосема непознат човек.
Потребно е само широко да ги отворите очите и срцето и да ја побарате и прифатите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело