Животе, само сакав да бидам добра мајка, зошто не ми дозволи?
Денес е 240-от ден, очекувам твоите малечки ноџиња да го поместат моето набабрено стомаче.
Денес требаше да бидеме јас и ти заедно, но твоето срце престана да чука уште пред да те запознаам. Дали толку рано ти го скршив твоето малечко срценце уште пред да се појавиш, дали те разочарав пред да ме запознаеш, зошто ме остави сама со своите солзи и оваа тага која ми го убива телото?
Луѓето не мислат дека јас повторно ќе бидам истата, луѓето не смеат да мислат, луѓето треба да престанат да зборуваат, бидејќи тие никогаш нема да дознаат како е да се биде во оваа кожа. Никогаш нема да ја сфатат болката како е да го носиш осум месеци она што очекуваш да го држиш во рацете со многу внимание и само за момент, неочекувано да го изгубиш целиот твој свет.
Престанав да плачам, немам веќе солзи, немам ни веќе чувства кои треба да ги истиснам, живеам како дух кој само го чека твоето појавување. Но, ти нема да се појавиш. Додека иглата насилно навлегува во моето тело, нов морфиум, нов лек кој ќе се обиде да ме смири за да бидам она што бев додека го очекував твојот живот. Но, како да им објаснам дека сето тоа е залудно.
Јас никогаш нема да бидам истата, она што ти исчезна од мојата утроба пред воопшто да се појавиш е жиг кој ќе го носам се дури сум жива. Такво нешто не се заборава, тоа не го лечи ниту времето, ниту неизмерната љубов на сите дечиња по тебе, кои го молам Бога да дојдат здрави и живи и заедно со насмевката на мојот сопруг да го прославиме нивниот живот.
Немам желба да јадам, немам ниту сила да се изборам со оваа депресија, ми требаш ти малечко мое, сакам да те нишам во белата колевка која ја купивме само за тебе, да ти раскажувам за ѕвездите, за небото, да ти ги пеам сите приспивни песни за добра ноќ. Да го галам твоето малечко чело и да ме буди твојот глас од длабок сон после напорен работен ден. Би менувала сѐ, би дала сѐ, дури и мојот живот само ти да живееш.
Очекувам некоја контракција, но таму е само болката на празнината. Те откорнаа од мојата утроба, со објаснение дека ако останеш можеш да ме земеш со себе. Зошто им дозволив?
Твоето непостоење бескомпромисно значи и мое непостоење. Како да најдам љубов и утеха после ова грозно убиство на животот врз моето неродено чедо. О мили Боже, толку ли грешев? Толку ли сум проколната за да ме казниш вака и да бидам сосема несреќна.
Додека се туткам во мојата перница во болничкиот кревет, не сакам никој покрај мене. Сакам да бидам сама, зошто никој не може да разбере колку е огромна болката кога ќе го нема твоето чедо. Никој не би сфатил колку болат тие солзи и таа празнина во мојот стомак. Целата таа љубов и таа возбуда, сите тие приказни и се што чував за тебе, сѐ отиде со денот кога ти замина.
Дали некогаш ќе најдам живот во мојата смрт додека живеам без тебе, тоа не би кажала, во моментов сите тие работи се премногу. Сакам да те слушнам како плачеш и да ми кажат дека сѐ е во ред со тебе, сакам да си крај мене....
О животе само сакав да бидам добра мајка, зошто не ми дозволи?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело