Oна што ќе биде нанесено како психичка болка не може да биде отстрането
Можев да бидам повреден на милион начини, на мојата кожа можев да претпрам лузни кои ниту времето нема да ги избрише.
Можев да плачам најгласно, без светот воопшто да го слушне мојот глас. Можев да живеам со насмевка без никој да не забележи дека нешто сосема поинакво се случува внатре во мојата душа која полека скапува.
Научив дека луѓето ги има секакви, научив дека претежно не треба да им се верува, бидејќи во тоа море на различности ретко кој имаше искрени намери, без разлика што имаше мил збор и убава насмевка. Секој скоро секогаш носеше некаква маска, иако не ја разбирав причината, луѓето обожаваа да бидат дел од постојан маскенбал.
Застанав пред огледалото, сакав да ја избичам брадата за да го променам мојот имиџ по повод петочното излегување. Ставив пена за бричење на моето лице и се погледнав во огледалото. Правев чудни експресии, беше навистина забавно. Но пред да го почнам процесот на промена, се запрашав која болка е поголема? Дали е тоа физичката болка, онаа која е видлива и можеби ќе исчезне или онаа психичката која никогаш не исчезнува?
Во главата ми се вратија сите црни денови од минатото. На телото не можев да пронајдам некои обележја, дури и да пронајдев, не можев да се сетам која била причината за таа болка. Но кога ќе погледнев во мојата душа и во моите сеќавања, таму имаше болка која никогаш не се заборава.
Сите тие зборови, сите тие навреди, целата таа злоба од светот која допрела до моето тело беше таму и не можев да најдам начин за нејзино искоренување. Без разлика колку време поминало од секој од тие немили настани одделно, јас го чувствував тој студ како да се случува денес.
Се повторуваше секогаш кога ќе се присетев, секогаш кога ќе посегнев по тие спомени без разлика дали тоа беше намерно или ненамерно. Беше како еден жив организам кој живее во друг организам со цел да го уништи, ако тој дозволи.
Додека посегнував по бричот не бев исплашен од фактот дека можно е да бидам пресечен, знаев дека тоа ќе предизвика благо крвавење и лузна која ќе ја снема за ден или два. Затоа посакував луѓето да можат да видат дека она што ќе биде кажано, она што ќе биде нанесено како психичка болка не може да биде отстрането.
Можеби може да се заборави, можеби може да се намали таа болка, но не се искоренува, останува како слика врежана засекогаш во сеќавањата на едно време кое никогаш не сакаш да се повтори.
Луѓето мораа да научат да бидат фини едни со други. Да престанат да се мразат и да научат да не завидуваат. Треба да бидат способни да ги отфрлат сите негативни карактеристики и да го слават животот на еден убав начин. Без љубомора, завист, без потреба да се биде доминантен преку навредите.
Затоа пред да ја отворите устата се со цел да нанесете злонамерен коментар, размислете. Нека стои во вашата глава дека психичката болка е онаа која е поголема, таа која прогонува, која ретко кој успева да ја уништи. Запомнете дека никој не заслужува таков третман и прифатете дека човештвото треба да живее во хармонија без меѓусебна омраза. Како најнапредни во еволуциониот развој требаше да бидеме способни тоа да го постигнеме, само прашањето беше дали тоа го сакаме?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело